Во текот на минатата година, до Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК) доставени се поголем број пријави од страна на граѓаните, организации на цивилно општество и институции со сомневање за корупција, злоупотреба и судир на интереси, во споредба со претходната година. Ова покажува дека граѓаните сè повеќе ја препознаваат ДКСК како клучна институција за спречување и борба против корупцијата, оценува за „Порталб.мк“, Биљана Бејкова од НВО „Инфоцентар“, коментирајќи ја работата на новиот состав на ДКСК.
Според извештајот на ДКСК, во оваа институција, доставени се 1.688 пријави од страна на граѓани, здруженија и институции со сомневање за постоење на корупција, злоупотреба и судир на интереси.
Антикорупциската комисија смета дека во мандатот на новиот состав ја зголемила и поттикнала довербата на укажувачите, при што во текот на овој период се направени 24 пријави за сомнеж или информации за незаконско или недозволено постапување на разни институции. Во врска со сите покренати предмети е постапено и е донесена одлука, велат од Антикорупциска.
Во врска со овие пријави, Бејкова смета дека оваа бројка го докажува растот на довербата на граѓаните во оваа институција, бидејќи вакви пријави од укажувачи, претходните години биле речиси ‘мртви’, односно не постоеле.
Комисијата за борба против корупцијата по сопствена иницијатива отворила 344 предмети. А решени и донесени се одлуки за 713 предмети од кои: 374 решени предмети од областа на корупцијата, 156 решени предмети од областа на судирот на интереси, 70 одлуки во врска со непочитување на забрани во текот на изборниот процес и 113 одлуки во врска со проверка на имотната состојба.
Бејкова, што се однесува до овие бројки, вели дека фактот што ДКСК лани отвори многу повеќе предмети по сопствена иницијатива во споредба со една година претходно, покажува дека оваа институција е сѐ поактивна во борбата против корупцијата.
„Овој тренд на пораст е охрабрувачки, но патот до довербата на граѓаните во интегритетот, независноста и ефикасноста на ДКСК е сè уште неизвесен. Ова го покажува анкетата на јавното мислење за присуството на корупцијата на локално ниво, спроведена од страна на НВО „Инфоцентар“ на почетокот на 2020 година. Според нашето истражување, ако тие сведочат случаи на корупција, повеќето граѓани би го пријавиле тоа во полиција – 33 отсто, во медиуми би пријавиле 18 отсто, а во ДКСК би пријавиле 17 отсто од анкетираните”, вели Бејкова.
Државната комисија за спречување на корупцијата, во видео-запис продуциран со поддршка на Европската Унија во рамки на проектот „Промовирање на транспарентноста и отчетот на јавната администрација“, го откри своето работење со новиот состав на комисијата, од 8 февруари 2019 година до 9 декември 2020 година.
Во текот на истиот период, ДКСК ги зајакна своите темели усвојувајќи ја петгодишната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси со акцискиот план 2020-2024.
Извршена е проверка на 16 антикорупциски закони. Како што се вели во материјалот во кој се резимирани активностите на комисијата, зајакната е и соработката со државните институции и граѓанските организации, нешто што многу пати е побарано во извештаите на ЕУ за Северна Македонија.
„Соработката помеѓу органите за јавни набавки и засегнатите страни, вклучувајќи ја и Државната комисија за жалби, Државната комисија за заштита на конкуренцијата и Државната комисија за спречување на корупцијата, остана ограничена“, беше забележано во последниот извештај на ЕК.
Освен соработката од оваа европска институција, било побарано да се покаже политичка волја за борба против корупцијата, поддржувајќи ги соодветните органи со понатамошни финансиски и човечки ресурси и обезбедувајќи јасни насоки на политиките за сите државни институции како да се третира корупцијата согласно препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Од оваа комисија велат дека овозможиле поголем пристап во повеќе меѓународни организации и мрежи на институции за антикорупција, како и утврдување на потребите и капацитетите на ДКСК за исполнување на зголемените капацитети.
Меѓутоа, Бејкова смета дека 2021 година е клучна година за ДКСК и довербата на граѓаните во нејзиното работење. Всушност, граѓаните, вели таа, ќе веруваат во ДКСК само доколку открие како и одлучно и бескомпромисно решава сериозни и големи случаи на корупција.
Инаку, во периодот помеѓу февруари до октомври 2020 година, ДКСК има разгледано 19 барања за мислење дали постои или не судир на интереси. Во 5 од нив комисијата утврдила дека постои потенцијален судир на интереси, затоа побарала да се повлечат од интересот, а во 10 од нив има утврдено дека не постои судир на интереси. Во 1 случај, било побарано мислење за судир на интерес за вработено лице во Државниот архив на РСМ, а Комисијата побарала дополнителни информации од институцијава.
Во еден друг случај, Комисијата нема дадено изрично мислење дали постои или не постои судир на интереси, но има објаснети можни ситуации кога може да постои судир на интереси, во случајот кога еден раководител на еден сектор во општинска администрација, постапува по предмети кои се разгледани од страна на блиско лице. Додека во друг случај, комисијата побарала од директорот на едно училиште веднаш да ја прекине постапката што ја започнал за вработување на двајца членови од неговото семејство, пред да настане судир на интереси.
Европската комисија, во извештајот од 6 октомври оваа година, побара посилно спроведување на регулаторните и институционалните системи врз интегритетот и судирот на интереси, поставени за препознавање и адресирање на корупција, измамничко соработување и практики. Бројот на извештаи што се поврзани со интегритетот, се вели во проценката на ЕК, сè уште е многу мал и недостасуваат потребните истраги и казни.