fbpx

ЕВРОМЕТАР: 72 отсто од граѓаните сметаат дека земјава се движи во погрешна насока, но ЕУ останува најдобра алтернатива

-

Високи 61 отсто од граѓаните сметаат дека во Република Северна Македонија нема демократија, а уште повеќе, 72 отсто, сметаат дека земјава се движи во погрешна насока. Перцепција за висок степен на корупција, слаба доверба во институциите, недостаток на владеење на правото и голема партизација на општеството, покажа истражувањето ЕВРОМЕТАР 22 на Центарот за европски стратегии „Евротинк“, спроведено во декември минатата година.

Истражувањето се спроведува од 2014 година и ги мери ставовите и перцепциите на граѓаните во однос на Европската Унија (ЕУ), надворешната политика, како и довербата во институциите и работењето на полицијата.

За разлика од високиот процент на испитаници кои сметаат дека во земјава нема демократија, само 16 отсто одговориле дека во Северна Македонија има демократија, додека перцепција за демократија, но недоволна имаат 22 отсто од испитаниците.

фото: ЕВРОМЕТАР / исечок

Дека земјава се движи во целосно погрешна насока одговориле 53 отсто од анкетираните граѓани, додека само 5 проценти сметаат дека Северна Македонија се движи во многу добра насока.

фото: ЕВРОМЕТАР / исечок

39 отсто од испитаниците се согласуваат дека членството на С. Македонија во ЕУ би било добра работа, а со ова целосно не се согласуваат 28 проценти.

Истражувањето покажува и промена на перцепцијата на граѓаните околу односот на ЕУ кон земјава. За 65 отсто од испитаниците што одговориле на анкетата на „Евротинк“, односот на ЕУ е нефер, надмен и уценувачки, додека за 17 проценти ЕУ има фер, пријателски и коректен однос кон С. Македонија.

Во секој случај, за 58 отсто од граѓаните Европската Унија е најдобра алтернатива, додека 33 проценти сметаат оти земјава треба да бара сопствен модел за развој надвор од ЕУ.

фото: ЕВРОМЕТАР / исечок

Анкетата го содржи и прашањето „Дали сметате дека во текот на следната година Македонија ќе го промени Уставот и ќе ги продолжи преговорите со ЕУ?“, на кое одговорите се јасно поделени – 38 отсто одговориле „Да“, додека 39 отсто сметаат дека земјава нема да го промени Уставот.

Во однос на надворешната политика, 42 отсто од граѓаните веруваат дека постои државна или меѓународна организација која претставува закана за Македонија, додека поголем дел, односно 53 отсто не веруваат во вакво нешто.

Меѓу оние што веруваат дека постои закана за земјава, најголем дел сметаат дека тоа е Бугарија (27,6 отсто), а потоа Русија (4 отсто).

Од друга страна, за граѓаните најпријателска земја е Србија (37 отсто), потоа САД (11,4 отсто) и Турција (8,5 отсто), додека Европската Унија е на четвртото место со 8,1 процент.

Во однос на перцепцијата на државните институции, најголем дел од граѓаните, 39 отсто, имаат доверба во Армијата, што пак е пад од минатогодишните 47 проценти. Понатаму следат религиските институции со 32 отсто, а веднаш по нив е Полицијата со 21 отсто и невладините организации со 20 отсто. Најмалку доверба граѓаните и годинава имаат во Судството (6 проценти) и Обвинителството (7 проценти).

Истражувањето покажа дека 71 отсто од испитаниците сметаат оти институциите лошо ја водат борбата против корупцијата.

Целосните резултати од истражувањето може да се погледнат на овој линк.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Подобрување на отчетноста и транспарентноста на полицијата во Република Северна Македонија“, спроведен од „Евротинк“, а финансиски поддржан од Националниот фонд за демократија на САД.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...