Опаѓа бројот на барања за азил во ЕУ


Брисел, 6 август, 2018 - 13:04 (META) 

Во првата половина на 2018 година во ЕУ, Норвешка и Швајцарија биле примени 301.390 барања за азил, што е пад за 15% во однос на првата половина на 2017 година, соопшти Европската канцеларија за азилска поддршка (ЕАСО).

Во јуни годинава, пак, биле примени 1.600 барања за азил помалку отколку во мај.

Денеска објавените бројки од ЕАСО покажуваат дека генерално се задржува трендот на опаѓање на случаите на азил, чиј највпечатлив момент беше опаѓањето за 43 отсто во 2017 година.


Австрија ќе ги штити границите, по договорот за мигрантите во германската влада


Виена, 3 јули, 2018 - 10:03 (META) 

Австриската влада соопшти дека е подготвена да преземе мерки за заштита на границите, по договорот во германската влада со кој се предвидува рестрикција за влез на мигранти во Германија.

„Доколку германската влада го потврди договорот, ќе бидеме приморани да преземеме мерки за да ги спречиме непријатностите на граѓаните во Австрија“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека Австрија е подготвена да ги штити границите, посебно на југот, со Италија и Словенија.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој е во судир со канцеларката Ангела Меркел околу мигрантската политика, изјави дека постигнал договор со неа околу ова прашање.

Постигнатиот компромис предвидува дека во иднина, оние кои бараат азил, а доаѓаат во Германија ќе бидат испратени во транзитни центри на границите, а не по центрите ширум земјата.

Откако барањата ќе бидат разгледани, мигрантите ќе бидат префрлени во други земји на ЕУ каде што најпрво стигнале. Тој трансфер ќе биде организиран во рамките на договорите со тие земји.


Граѓаните на Германија ќе добијат законско право на брз интернет


Берлин, 1 март, 2018 - 9:53 (META) 

Граѓаните на Германија ќе добијат законско право на брз интернет, според коалицискиот договор на конзервативците на Ангела Меркел и Социјалдемократската партија на Германија (СПД), вели Хелге Браун, кој е именуван за шеф на кабинетот на германската канцеларка.

Во интервју за весникот „Билд“, Браун објаснува дека новата голема владина коалиција ќе создаде правна рамка со која граѓаните ќе добијат право на брз интернет.

– Брзиот интернет е важен колку и снабдувањето со гас, вода и струја, па затоа тоа прашање е меѓу врвните приоритет на канцеларката – вели тој.

Според именуваниот шеф на кабинет на Меркел, федералната влада и индустријата ќе издвојат најмалку 100 милијарди евра за до 2025 година сите  региони во Германија да имаат брз интернет.

Германија е на 28. место на списокот на 32 земји по пристапот до брз интернет, подготвен од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Браун вели и дека се планира забрзување на процесот на разгледување на барањата за азил, а депортирањето во иднина да се врши побргу.

Сепак, дали сето тоа ќе се случи ќе се знаев в недела, кога околу 464.000 членови на СПД ќе гласаат за „големата коалиција“.


Рочиштето за жалбите на Грујевски и Бошковски во Атина одложено за 2 март


Атина, 16 февруари, 2018 - 10:37 (META) 

Врховниот суд во Атина го одложи за 2 март рочиштето на кое треба да се разгледува жалбата на одлуката на Судот во Солун за екстрадиција на поранешниот началник во УБК, Горан Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, јавува Македонската информативна агенција (МИА).

Грујевски и Бошковски биле денеска во судот во Атина заедно со нивните адвокати.

Советот на судии во Солун на 5 јануари, годинава донесе одлука поранешните началници во УБК да бидат екстрадирани во Македонија, каде се обвинети во повеќе случаи на Специјалното јавно обвинителство поврзани со незаконското прислушување.

Веднаш по објавувањето на пресудата, Грујевски и Бошковски преку своите грчки адвокати поднесоа жалби на пресудата на солунскиот суд, по кои сега треба да одлучува Врховниот суд во Атина.

Инаку, Грујевски и Бошковски вчера требаше да бидат сослушани пред Комитетот за азил во Солун, но и ова рочиште беше одложено. Тие пред Комитетот треба да ги образложат причините поради кои бараат азил во Грција.

Против двајцата бегалци во Ггрција се води уште еден судски процес, оној за фалсификуваните бугарски пасоши со кои на 18 октомври, лани беа фатени на аеродромот во Солун при обид да заминат за Унгарија. Ова рочиште, кое досега неколку пати беше одложувано, е закажано за 17 мај.

Според некои проценки, Грујевски и Бошковски се очекува да бидат екстрадирани во земјава до крајот на март, за кога се закажани рочиштата за случаите „Таргет- Тврдина“ и „Трезор“.


Хелсиншки комитет: Новиот закон за азил има недостатоци во примената на ЕУ-директивите


Скопје, 18 декември, 2017 - 12:04 (META) 

Новиот закон за меѓународна и привремена заштита, кој се однесува на баратели на азил и признаени бегалци, има одредени позитивни, но и негативни измени, вели Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Таа додава дека забележани се одредени недостатоци при имплементација на принципите и стандардите поставени во ЕУ-директивите. 

Во соопштението на Хелсиншкиот комитет се истакнува дека, позитивен исчекор е направен кај причините за прогон, каде што сега се вметнува и сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Во него се додава дека, во добра насока е и отстранувањето на лошите законски измени донесени во 2016 година.

Проблеми во праксата се јавуваат со целосното остварување на правата на барателите на азил, поради идентификационата исправа што тие ја добиваат. Во исправата за идентификација, од Хелсиншки наведуваат не постои единствен матичен број, кој е предуслов за остварување на правата од социјална и здравствена заштита, како и од работните односи.

Новина во законот е можноста за ограничување на слободата на движење. Хелсиншкиот комитет укажува дека овој предлог е целосно спротивен на основните човекови права и слободи.

Предлог-законот за меѓународна и привремена заштита, кој се однесува на баратели на азил и признаени бегалци и кој ќе го замени сегашниот закон за азил и привремена заштита, во моментот е во подготовка, а Хелсиншки комитет за човекови права поднесе коментари со цел подобрување на конечниот текст.


Грујовски и Бошковски побарале азил во Грција, судењето одложено за 17 мај


Солун, 1 декември, 2017 - 13:11 (META) 

Поранешните разузнавачи Горан Грујoвски и Никола Бошкоски во средата побарале азил во Грција, потврдиле адвокатите што ги застапуваат, јавува „Макфакс“.

Судот за прекршоци во Солун го одложил денешното судење за двајцата бегалци од правдата за 17 мај, а ним треба да им се суди за поседување лажни патни исправи. Судењето е одложено бидејќи не бил присутен еден од групата што била со нив, а немале регулиран престој во Грција.

Ексразузнавачите во тренирки и капути, со лисици на рацете, биле донесени во придружба на полиција, во комби со мигранти. На денешното судење имало овластен судски преведувач, кој ги преведувал прашањата на судијката, а биле присутни и грчки адвокат и адвокатот Петар Василев.

На 13 декември истиот суд треба да расправа за барањето за екстрадиција кое го поднесе Министерството за правда.

Судењето на Грујoвски и на Бошкоски претходно двапати беше одложувано поради немање овластен судски преведувач. Тие на 18 октомври беа уапсени со лажни пасоши на аеродромот во Солун, во обид да заминат за Будимпешта.

Грујoвски и Бошковски се обвинети од СЈО за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување во случаите „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“. Македонските власти на 6 ноември ја доставија документацијата за нивна екстрадиција од Грција.


Пучдемон се наоѓа во Брисел, не се исклучува можноста да бара азил


Брисел, 31 октомври, 2017 - 10:45 (META) 

Разрешениот каталонски лидер, Карлес Пучдемон е во Брисел и не се крие, изјавил неговиот адвокат Пол Бекарт, кој не ја отфрла можноста Пучдемон да бара азил во Белгија.

– Тој ги има сите права да биде таму, против него не се води никаква постапка – изјавил Бекарт за фламанското државно радио.

Прашан дали Пучдемон планира да бара азил во Белгија, Бекарт одговорил дека сите опции се отворени, но оти сè уште ништо не е одлучено, пренесува „Би-би-си“.

Шпанското обвинителство предложи Пучдемон и другите организатори на каталонскиот референдум за независност да бидат обвинети за бунт.

Централната влада во Мадрид вчера ја презеде контролата над Каталонија.


Во Швајцарија уапсени двајца Тунижани за поврзаност со тероризам


Цирих, 10 октомври, 2017 - 15:03 (META) 

Полицијата во јужниот дел на Швајцарија уапсила двајца баратели на азил од Тунис, под сомневање дека се поврзани со странски екстремисти.

Како што се наведува во соопштението на швајцарската сојузна полиција, апсењето на Тунижаните било извршено пред два дена во гратче во близина на Италија. Тие се уапсени поради потенцијална опасност по безбедноста и се поврзани со терористички активности во странство.

Нивното апсење следи еден ден откако италијанските власти објавија дека уапсиле Тунижанец кој се борел во Сирија, а за кого се веруваа дека бил радикализиран од постариот брат, кој на 1 октомври со нож убил две жени во Марсеј.


Турски разузнавачи бараат азил во Германија


Берлин, 1 септември, 2017 - 13:39 (META) 

Високи полициски службеници и вработени во разузнавањето на Турција побарале азил во Германија, објави германскиот весникот „Велт“.

Весникот наведува дека службеник задолжен за координација меѓу Федералната полициска служба и полициските структури во Турција, поднел барање за азил во германската провинцијата Хесен. Идентитетот на лицето засега не се открива.

Барањето за азил доаѓа откако Турската разузнавачка агенција (МИТ) минатата недела со указ на претседателот Реџеп Таип Ердоган стана под ингеренции на претседателот.


Германија ќе почне да ги враќа во Грција новите баратели на азил


Атина, 7 август, 2017 - 20:07 (META) 

Германија ќе почне да ги враќа во Грција новопристигнатите баратели на азил, потврди грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас.

Музалас за телевизиската станица АРД изјави дека грчките власти примиле 392 барања и одбриле враќање на баратели на азил од Германија и од другите земји на ЕУ.

– Имаше притисок од неколку земји на ЕУ врз Грција да прифати враќање на баратели на азил. Разбирам дека властите на ЕУ сакаат да покажат некакви резултати пред своите избирачи – изјави Музалас.

Германија ја запре депортацијата на мигрантите во Грција по одлуката на Уставниот суд во 2011 година.

Во 2015 година Германија прими повеќе од 800.000 мигранти. Предвидено е во Грција да се вратат само мигрантите што стигнале во Германија од средината на март 2017 година.