По денешното соопштение од седум граѓански организации кои побараа политичка одговорност, односно оставки од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Горан Николовски и директорот на Агенцијата за разузнавање (АР), Зоран Иванов, Владата порача дека сите вклучени во бегството на Никола Груевски од земјава ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Притоа посочи и дека има сознанија оти во бегството биле вклучени и граѓани од „трети земји“.

„Владата и МВР се одлучни дека ќе ги почитуваат законите и дека нема да дозволат извршната власт да ја нарушува истрагата која ја води Јавното обвинителство, што беше редовна пракса во минатото. Укажуваме дека е неопходно целосно затворање на сите прашања во истрагата за да се добијат одговори кои недвосмислено и без сомнеж ќе ја прикажат комплетната слика и сите инволвирани“, порача Владата.

Во соопштението се нагласува дека „МВР по налог и супервизија на министерот Оливер Спасовски, со сите свои ресурси и професионални капацитети учествува во асистирање на истрагата“.

„Истовремено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди,  ги завршува истрагите за можна инволвираност на полициски службеници, а Секторот за внатрешни работи – Скопје за начинот на бегство и можните помагатели“, уверува Владата, нагласувајќи дека „ќе ги прифати сите докажани резултати на истрагата, и дека ќе поддржи преземање одговорност и правосудна постапка“.