Службата за имиграција и државјанство е независен орган и Владата на Унгарија не може да влијае на нејзините решенија. Поранешниот македонски премиер Никола Груевски ја помина процедурата за азил и имиграционата служба реши да издаде позитивно решение, рече Петер Сијарто, министерот за надворешни работи во интервјуто за бугарската национална телевизија БНТ.

– Службата е независен орган и унгарската влада нема влијание над нејзините одлуки. Прашањето со азилот на Груевски е правно прашање, а не политичко – рече Сијарто во интервјуто.

Тој изјави дека по бегството на Груевски односите на Унгарија и Македонија не се променети.

– Нашата позиција е дека Македонија веќе требаше да биде поканета во НАТО. Ние сме за целосна интеграција на Македонија, силно ги поддржуваме за испраќањето покана за НАТО веднаш штом биде завршена процедурата за името и од двете страни, а македонската јавува дека веќе ја завршиле. Сега на потег е Грција. Тие ја имаат нашата поддршка и ќе ја имаат, политичка, економска. Јас бев јасен пред министерот за надворешни работи-тоа правно прашање нема да влијае на никаков начин – рече Сијарто.

Во однос на коментарот на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, дека не се согласува со заштитата на Унгарија што му ја дава на Груевски, Сијарто му порача да си ја гледа сопствената работа.

– Комесарот Хан треба да си ги гледа сопствените задолженија. Неговиот мандат од пет години како комесар за политика за добрососедство и проширување беше целосно неуспешен. Зашто, нема никаков напредок во однос на политиката кон соседите и затоа треба да се концентрира на сопствената работа – вели шефот на унгарската дипломатија.