Разговорот кој го водеше новинарката на ТВ „Сител“ со експремиерот Груевски, кој е правосилно осуден по еден судски предмет, а по уште неколку се води како обвинет и судењата се во тек, подигна доста прав. Една од причините за тој интерес е и дилемата – дали треба да се разговара со бегалец од законот? Постојат ли услови до кои новинарот треба да се држи при такви средби? – би била следната дилема ако за првото прашање имаме „расчистен терен“, пишува „КриТинк“.

Не е спорно дека Груевски е бегалец од правдата, по него постои меѓународна потерница и со него е врзана како дел од бегалскиот багаж и извршна пресуда за ефективна казна затвор. Тој ужива азил во една членка на ЕУ, наспроти ставот по тоа прашање на меѓународната заедница, а на барањето на нашите власти за негова екстрадиција, сè уште нема официјален одговор од Будимпешта.

Деновиве, следејќи го тој интерес, еден наш колега на Фејсбук ги предочи редакциските правила на Би-Би-Си во случај на известување за криминал или сторители на антисоцијално однесување, кои без сомнение произлегуваат од една респектибилна новинарска куќа која е дел од демократски систем со неспорна традиција.

Интервјуто може да се случи само ако има јасни цели и ако од интервјуираниот може да се извлече некое сознание кое не е познато за јавноста и кое подобро може да го осветли криминалниот чин што го сторил интервјуираниот.

Но, да се вратиме на поводот за овој текст – интервјуто на ТВ „Сител“ со бегалецот Груевски. Што од гореневедените дилеми се допира со појавата на Груевски на малиот екран? Па, речиси сè.

Најнапред авторката на разговорот (Славица Арсова) не дава никаков вовед, кој би значел и одговор на она како, каде, зошто…. Формата на изведување на разговорот е рамна на некаков онлајн муабет, што говори дека постои начелен договор да нема ниту еден детаљ кој би можел да наштети на бегалецот. Тоа е секако важен услов на кој „Сител“ секако се согласил. Дури и реализацијата на интервјуто е правена за да сокрива каков било детаљ за местото каде е правен разговорот (се користи визуелизацијата план-контраплан, нема широк агол и опфат на просторијата. Сè делува клаустофобично, секако со цел да нема ниту ронка од елементи кои би го загрозувале интервјуираниот.

Водителката во објавените 18 минути од разговорот оди само по шемата „прашање – одговор“, без користење на контрапрашање, а не дај боже некакво сериозно опонирање и тоа на човек кој просто предизвикува во него да барате одгатнувања на многу тајни. Прашањата, не се сите наивни, но се кажани во стилот „незадолжително“, без да се инсистира на нивен вистински, рационален одговор кој би му дал смисол на интервјуто.

Соговорникот практично ги одби сите теми кои нешто треба да му значат на аудиториумот (како што е на пример, начинот како Груевски стигнал од дома до Тирана), си ги кажа оние работи што тој сака да ги испрати во земјата каде стекна многу непријатели и меѓу најблиските соборци. Леснотијата со која се објаснува егзилот е секако поттик за други такви потенцијални бегалци, а цинизмот кон својата матична држава, исто така, делува охрабрувачки во та насока. Многу завиени одговори, на пример од типот: „немам докази, имам сигурни информации“,  се прифаќаат со леснотија. Тука влегува и молчешкум прифатеното објаснувањето дека Груевски е политички бегалец (а доаѓа од земја која има систем кој ги отвора вратите на НАТО, на пример), дека наводно не ги убедувал другите пратеници да гласаат против Преспанскиот договор (иако има многу сведоци, па и новинари присутни во Парламентот за неговата постојана пресија кон колегите како тие да гласаат) …

Целиот текст може да го прочитате на КриТинк.