Балканот ќе преговара за признавање на дипломите на лекарите, инженерите, архитектите…


Сараево, 7 мај, 2018 - 17:34 (META) 

Земјите од Западен Балкан наскоро треба да започнат преговори за заедничко признавање на стручните квалификации на докторите по медицина, стоматолозите, архитектите и инженерите, соопшти денеска Регионалниот совет за соработка (РСС).

Претставници на шест земји од регионот на денешниот состанок во Сараево во седиштето на РСС ја потврдија препораката, која всушност беше барање во Агендата за мобилност во рамките на повеќегодишниот акциски план за изградба на Регионален економски простор, што беше усвоен во Трст минатата година од премиерите на шесте земји од Балканот.

Крајната цел на препорачаните преговори е да се склучи спогодба за меѓусебно признавање на стручните квалификации, а со тоа би се постигнало поедноставување на добивањето дозволи за занимавање со одредена професија во земјите во регионот, изјави претставникот на РСС, Вања Урошевиќ.

Владите на шесте земји сега треба да оформат преговарачки тимови како и главен преговарач и негов заменик, со цел целиот процес да заврши до крајот на 2019 година. Покрај ова, работната група им препорача на владите да направат и заедничка база на податоци за мобилноста на стручните лица која би била компатибилна со базата на податоци на ниво на Европската Унија.


Инженерите и архитектите бараат законски измени за градбите и за овластувањата


Скопје, 21 јули, 2017 - 14:09 (META) 

Подготовка за измени и за дополнување на Законот за градење и на Законот за просторно и урбанистичко планирање за подобрување на инвестиционата клима за домашните компании во Македонија и измени и дополнувања на Законот за градење во делот на категоризација на градбите заради зголемување на квалитетот на инженерските услуги, беа тема на разговор на денешната средба меѓу претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери (КОАИ), професор д-р Миле Димитровски, и министерот без ресор задолжен за подобрување на инвестиционата клима за домашните компании, Зоран Шапуриќ.

– Тоа се промени кои ги бараме долго и се однесуваат на категоризацијата на градбите, издавањето и категоризацијата на овластувањата, нивна категоризација според спецификите на образованието по Болоња, мислење за сеизмичка и друга отпорност… Тоа не се драматични промени, туку подобрување на сегашниот закон, кој нам и на фирмите ќе ни олесни и ќе го зголеми квалитетот на инженерските услуги. Сметаме дека подобрувањето на квалитетот на инженерските услуги ќе ја подобри инвестициската клима – вели претседателот на КОАИ, Миле Димитровски.

Министерот Шапуриќ дава целосна поддршка за работата на Комората, особено во однос на воведувањето континуирана професионална обука на членството и меѓународната соработка со соседните држави и пошироко, со што, како што вели, може да се подобри инвестиционата клима за домашните компании.

– Како министер давам целосна поддршка на сите активности во насока на подобрување на законските решенија опфатени со Законот за градење и со Законот за урбанистичко и просторно планирање. Затоа, сите институционално подготвени предлози од Комората ќе ги прегледаме и ќе ги движиме низ процедурите на системот, заедно со надлежното Министерство за траспорт и врски – вели Шапуриќ.

На средбата, освен претседателот на Комората и министерот Шапуриќ, присуствуваа триесетина раководители на професионални одделенија, членови на професионалнои оделенија за урбанизам, архитектура, градежништво, машинство, електротехника. Димитровски ја презентираше Комората и нејзината програма за работа во 2017 година.


Референдум во Центар на 26 април за изгледот на ГТЦ?


Скопје, 18 март, 2015 - 13:53 (META) 

На 26 април, жителите на општина Центар ќе имаат можност да гласаат на референдум за изгледот на Градскиот трговски центар, а резултатите од референдумот ќе бидат обврзувачки и ќе мора да се применат, вели градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

Прашањето на референдумот ќе биде „Дали сте за тоа да се задржи сегашниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар во Скопје“, а граѓаните ќе се изјаснуваат со „за“ или „против“.

– Сега одиме со предлог до Советот на Општина Центар, а доколку Советот донесе одлука, тогаш ќе се распише референдумот кој треба да се одржи на 26 април, од 7 до 19 часот. За тој да биде успешен, треба да има 50 проценти плус еден од запишаните гласачи во општина Центар. Седницата, според законските обврски, треба да се одржи до крајот на овој месец. Референдумот ќе чини од два до три милиони денари и тие трошоци се предвидени во буџетот на Општината, кој е веќе изгласан – вели Жерновски.

Тој додаде дека референдумот претставува најчист, најдиректен и најавтентичен облик на граѓанско одлучување и одлична можност за коректив за сите одлуки што ги носи власта, ако тие одлуки се контроверзни и штетни за граѓаните.

Од Асоцијацијата на архитекти велат дека се задоволни што инцијативата „Го сакам ГТЦ“ резултира со правен и демократски механизам, за кој се надеваат дека ќе биде успешен.

– Ние имаме визија и сакаме овој објект биде обновен и негуван, но неговата автентичност да се задржи затоа што таа е дел од духот и од културата на местото. Нашиот предлог е да се подготви соодветен архитектонски проект со висока стручност и не отфрламе обнова или реконструкција на објектот, што е наше секојдневие – вели Даница Павловска од Асоцијација на архитекти.