Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на јавна трибина „Потребна ни е нова Универзална сала“ / Фото: Град Скопје

Денеска во просториите на Младинскиот културен центар (МКЦ) во организација на Град Скопје и присуство на Петре Шилегов, претставници на државни и културни институции, здруженија на граѓани од областа на културата, спортот и архитектурата, како и претставници на организатори на фестивали и културни манифестации разговараа за моменталната состојба во која се наоѓа Универзалната сала, за нејзината иднина и за потребите на фелата и на публиката.

Како што предочи модераторот на трибината, советникот во Советот на Град Скопје, Васко Лазаревски, од Градот Скопје се разгледуваат 3 опции во врска со Универзалната сала – постојната сала да се реизгради на истото место; да се изгради нова сала на нова локација, или, во исто време и да се обнови стариот објект и да се гради нова сала.

„Немам цврст став која од трите понудени опции е најдобра. Но, ова е одлична прилика да се слушне ставот на луѓето што ќе ја користат, за да одговориме на прашањето – што точно ни треба“ рече Русе Арсов, директорот на МКЦ.

За Роберт Алаѓозовски, националниот координатор за развој на културата, понудената визија на градоначалникот да се зборува за нова локација и нов функционален простор е смела и треба да се поддржи. Креирањето на кандидатурата за Европска престолнина на културата 2028, рече тој, ќе го стави Скопје во еден нов антипод на културната политика која е во склад со европските и светските политики.

„Универзалната сала е симбол на солидарноста каква што е сега, но дали на културната јавност и е потребен таков објект – сигурно не. Во градот под итно треба да се смени мислењето за просторот, ние со оваа Универзална сала која е руинирана ги едуцираме нашите деца на лоша урбана култура. Овој објект не смее да остане долго ваков, зашто Универзалната сала за нас архитектите и за македонската архитектура значење нема – посочи Мартин Пановски, од Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Мирко Попов од ПМГ Колектив рече дека сегашната Универзална сала е објект – ругло на градот, дека треба да се урне и да се изгради нов објект според најновите стандарди за организирање културни настани.

„Две години сум директор на нефункционален објект. На Скопје му фали Универзална сала, но повеќе му фали концертна сала. Мојата идеја е што побрзо да ја реставрираме Универзалната сала, но и да изградиме нова сала за концерти“ рече Филип Аврамчев, директорот на Универзална сала.

Архитектот Ангел Ситновски е на ставот дека граѓаните треба да одлучат дали да се реконструира постојната сала и дали да се гради сала на друго место, архитектите треба да понудат решенија, а Градот да обезбеди финансиски средства.

„Сум организирал најмногу настани во Универзалната сала. Уште од `90-години апелирам да се реши проблемот со „лименката“ и да се реши недостигот од летна сцена во Скопје. На Скопје му треба концертна сала со овој капацитет и тоа што побрзо. Тоа треба да го оставиме на стручната екипа во Градот, да одлучат дали има адекватен проект за сала на тоа место“ рече Оливер Белопета, од Скопски џез фестивал.