!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хамнеи ги обвини „непријателите на Иран“ за поттикнување на антивладините протести


Техеран, 2 јануари, 2018 - 16:01 (META) 

Иранскиот врховен верски лидер, aјатохалот Али Хамнеи ги обвини „непријателите на Иран“ за поттикнување на насилните антивладини протести кои изминативе неколку дена се случуваат во земјата и во кои досега настрадаа 22 лица, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Во својот прв коментар од почетокот на протестите на 28 декември, минатата година, Хамнеи ги обвини „непријателите на Иран“ за мешање во внатрешни работи на земјата преку пари, оружје, политика и разузнавачки служби.

„Непријателите секогаш бараат прилика и било каква пукнатина да се инфилтрираат и да ја нападнат иранската нација“, е цитатот на Хамнеи објавен денеска на официјалната веб-страница на врховниот верски лидер на Иран.

Инаку, протестите се одржуваат во десетина градови во Иран, меѓу кои главниот град Техеран, каде според заменик-гувернерот Али Асгар Насербахт, досега се уапсени 450 лица.

Некои од демонстрантите, како што се наведува, кинеле слики со ликот на ајатолахот Хамнеи, кој е врховен верски лидер на Иран од 1989 година.


Иранските власти се заканија со „железна тупаница“ доколку протестите продолжат


Техеран, 31 декември, 2017 - 12:29 (META) 

Револуционерната гарда на Иран ги предупреди демонстрантите, кои изминатите три дена протестираат поради лошиот животен стандард во земјата, дека ќе се соочат со „железна тупаница“ доколку немирите продолжат, пренесува „Би-би-си“.

Командирот на Револуционерната гарда изјавил дека протестите се претвориле во политички собори, а демонстрантите палат и уништуваат јавен имот.

Според наводите што ги пренесува „Би-би-си“, на протестите во градовите Хорамабад, Занјен и Ахваз имало повици за рушење или смрт на иранскиот врховен лидер Ајатолахот Али Хамнеи.

– Ако луѓето излегле на улиците поради високите цени, тогаш не би требало да извикуваат такви пароли и да палат јавен имот и автомобили – изјавил генералот Есмаил Ковсари за новинската агенција ИСНА.

Инаку, моќната Револуционерната гарда е поврзана со врховниот лидер на Иран и нејзината задача е да го чува и заштитува исламскиот систем во земјата.

Предупредување до демонстрантите дека ќе сносат одговорност упати и министерот за внатрешни работи на Иран, Абдолреза Рахмани Фазли, кој порача дека „оние кои што го уништуваат јавниот имот, го нарушуваат редот и ги кршат законите ќе мора да одговараат за своите постапки и да ја платат цената за тоа“

Протестите поради лошиот животен стандард почнаа во четвртокот, оваа недела, во градот Машад, на североистокот на Иран, а потоа се проширија и во другите градови.

Бранот протести вчера стигна и во главниот град на земјата, Техеран, каде студенти и други учесници извикувале антивладини пораки, неколку часа по собирот организиран за поддршка на властите.

Светските медиумите пренесуваат дека на вчерашните протести најмалку две лица загинале во судирите меѓу полицијата и демонстратните во градот Доруд во западен Иран, каде протестите биле проследени со силно насилство.

Некои од демонстрантите се снимени со повреди од огнено оружје, додека други на снимките се гледаат како палат полициски возила. Има извештаи и за напади на владини згради, пренесуваат медиумите. Информациите за протестите во Иран претежно се пренесуваат преку социјалните мрежи и за дел од нив нема официјална потврда.

Ова се најголемите протести во Иран од прореформските демонстрации кои беа одржани во 2009 година.


Иранските власти ги повикаа граѓаните да не учествуваат во „илегалните собири“


Техеран, 30 декември, 2017 - 14:49 (META) 

Иранскиот министер за внатрешни работи, Абдолреза Рахмани Фазли денеска ги повика граѓаните на земјата да не учествуваат во „илегалните собири“, откако изминатите два дена во десетина градови во земјата се одржаа антивладини протести, јавуваат светските медиуми.

Тој порача дека доколку луѓето сакаат да организираат собири треба да поднесат барање и да добијат дозвола, додавјќи оти добил информации дека имало повици преку социјалните мрежи за организирање и учество на собирите.

Како што пренесува „Би-би-си“ повеќемина луѓе биле уапсени за време на протести, и дека помали групи продолжуваат со собирите во Техеран и во други градови.

Иранските власти ги обвинуваат „контрареволуционерите“ и агенти на странски сили за избувнувањето на антивладините протести.

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа го предупреди Иран дека светот го гледа одговорот на властите на протестите.

Во Техеран и во другите ирански градови денеска се одржуваат провладини собири, на кои се насобрани повеќе илјади луѓе.


Протести во Будимпешта – повеќе од илјада демонстранти се собраа близу руската амбасада


Будимпешта, 25 април, 2017 - 11:14 (META) 

Повеќе од илјада луѓе се собраа вчера близу амбасадата на Русија во Будимпешта, продолжувајќи ги протестите против, како што велат, засиленото руско влијание врз Унгарија во последните неколку години и против авторитарната политика на премиерот Виктор Орбан, известуваат унгарски медиуми.

Намерата на демонстрантите беше протестот да се одржи пред руската амбасада, но полицијата го забрани тоа.

Писателот и филозоф Андраш Лањи, говорејќи на протестот, рече дека владата постепено се движи кон диктатура, во која противниците се затвораат или се убиваат, наведувајќи ги како примери Русија, Азербејџан и Иран.

– 21 век стана опасен период, во кој се зголемува растојанието помеѓу Истокот и Западот – рече Лањи.

Хенриета Николета Антал, активистка од иницијативата што се противи на преобразувањето на градскиот парк, ги повика демонстрантите да се приближуваат кон западните вредности и животен стил.

На протестот се извикуваа пароли „Европа! Европа!“ и „Да ја запреме Москва“, како одговор на владината кампања „Да го запреме Брисел“.

Унгарската влада во последните години е остар критичар на бриселските политики, кои ги нарекува реформи со кои се сака да се одземе сувереноста на членките на ЕУ.


Нереди и солзавец на антивладините протести во Приштина


Приштина, 9 јануари, 2016 - 17:46 (META) 

Антивладини демонстранти се судриле со полицијата за време на денешниот протест во Приштина, на кој лидерите на косовските опозициски партии порачале дека не ја прифаќаат заедницата на српски општини, демаркацијата на граничната линија со Црна Гора и дека бараат оставка на косовската влада.

Нередите, како што пренесуваат српските медиуми, настанале по завршувањето на обраќањата на опозициските лидери, кога демонстрантите почнале да ја гаѓаат зградата на владата со молотови коктели и со камења, поради што полицијата употребила солзавец.

Според информациите, полицијата успеала да ги растера демонстрантите и да ги оддалечи од зградата на владата, која била оштетена и чиј влез бил запален.

Полицијата продолжила да ги растерува демонстрантите и по споредните улици.

Лидерот на Алијансата за иднина на Косово, Рамуш Харадинај, пред насобраната толпа во центарот на Приштина, претходно изјавил дека власта ја губи контролата и дека таа си заминува заедно со корупцијата, заедницата на српски општини и со демаркацијата на граничната линија.

„Оваа маса народ гарантира дека власт не се држи со полиција и со притисок. Нема демократија кога на чело се кршители на Уставот“, рекол пред присутните Висар Имери, претседателот на Самоопределување, најголемата опозициска партија на Косово.