Опозициската кандидатка за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја | Фото:Serge Serebro, Vitebsk Popular News / CC BY-SA

Продолжуваат протестите во Белорусија после спорните претсeдателски избори одржани во неделата, а денеска е исклучен и интернетот во земјата. Состојбата и понатаму е многу напната, а белоруски интервентни единици и воени сили од попладнево пристигнуваат во центарот на Минск, јавуват светските агенции.

Полицијата денеска употреби брутална сила против илјадниците демонстранти кои протестираат незадоволни од победата на Александар Лукашенко за која сметаат дека е фалсификувана. Во протестите вчера загина еден демонстрант, кој сакал да фрли експлозив врз полицајците кои пукаа со гумени куршуми и фрлаа шок бомби и солзавец врз толпата што протестира. Во Минск и во други градови во часовите по затворањето на гласачките места во неделата, беа уапсени околу 3.000 демонстранти.
Граѓаните на улиците на Минск имаат поставено барикади, а Лукашенко нив ги нарече „овци под контрола на запад“.

Освен исклучен интернет, блокирани се голем број од социјалните мрежи што ги отежнува договарањата на демонстрантите кои се обидуваат да го искористат ограничениот пристап до апликацијата Телеграм за да се координираат во бунтот против владата. Лукашенко кој владее со земјата од 1994 година ги одбива обинувањата дека власта го исклучила интернетот.

Светлана Тихановскаја, противкандидатката на Лукашенко, не го признава неговиот реизбор за претседател и е засолнета во Литванија.

„Таа пристигна во Литванија и е на безбедно место”, изјави денеска министерот за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевициус за новинската агенција АФП.

Демонстрантите го обвинуваат авторитарниот претседател Александар Лукашенко, кој е на чело на државата е 26 години, за фалсификување на изборниот резултат, според кој, тој со над 80 проценти од гласовите го освои шестиот мандат едноподруго.

Тихановскаја пред изборите собра голем број на приврзаници, а наводно на изборите добила само 10 проценти од гласовите. Таа веднаш по соопштувањето на официјалните изборни резултати изјави дека не ги признава иборите и се смета за победник.