!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

ВМРО-ДПМНЕ: Заев се лаже ако мисли дека нови избори нема да сменат ништо


Скопје, 22 март, 2017 - 15:17 (META) 

Доколку Зоран Заев смета дека со прифаќањето на „тиранската платформа“ се подобрува рејтингот на СДСМ, нека излезе на избори и нека го провери тоа, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната изјава на лидерот на СДСМ.

„Ако навистина тој освои поголем број пратеници, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја прифати волјата на народот. Доколку Заев смета дека теоретски нема ништо да се смени дури и ВМРО-ДПМНЕ да освои 62 пратеници, сакаме да му укажеме дека се лаже. Ќе се сменат многу работи. Тиранската платформа нема да биде предмет врз основа на кој би се формирала каква било коалиција. Впрочем, и во преговорите со ДУИ, прв чекор на ВМРО-ДПМНЕ беше укажувањето дека разговори врз база на тиранската платформа се целосно неприфатливи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на СДСМ денеска изјави дека ВМРО-ДПМНЕ знае дека ако оди на нови избори, „ќе изгуби“ затоа што и под претпоставка да освои 62 пратеници, нема да најде коалициски партнер кај партиите на Албанците.


Данев: Последиците од реализирање на тиранската платформа ќе бидат несогледливи


Скопје, 20 март, 2017 - 16:47 (META) 

Мнозинството Македонци гласаа за програмата на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија и нивниот глас не смее да биде изманипулиран само за да се спаси Заев од одговорност, рече денеска на прес-конференција Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

– Зоран Заев е свесен за последиците и затоа прифаќа секакви уцени, вклучувајќи и формирање влада по нотите од Тирана. Зоран Заев затоа замижува и го одобрува однесувањето на Зијадин Села, кој бара менување на знамето и на химната, го негира постоењето на македонскиот народ и најавува бркање од работа на Македонците. Последиците по однос на државата од реализирање на тиранската платформа ќе бидат несогледливи. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да поддржи малцинска влада на СДСМ и да гласа сè од програмата на СДСМ, само СДСМ да се откаже од тиранската платформа – вели Данев.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа Заев да излезе со платформата како своја изборна програма на избори пред граѓаните, за народот да му каже што мисли.


Охрид ноќеска преплавен со летоци против „сеалбанската платформа“


Охрид, 7 март, 2017 - 11:17 (META) 

Охрид ноќеска беше преплавен со пропагадни летоци од четири странички, со пораката „Не се согласуваш? Активирај се!“. Летокот е вметнуван во поштенските сандачиња во станбените згради, по домови, возила…

На првата, насловна страница од летокот, стои текстот „Сеалбанска платформа, Тирана, 07.01.2017“.

На внатрешните две страници, испишани се осум точки од платформата, со голема фотографија на албанскиот премиер Еди Рама, зад кого има карта на Голема Албанија. Има уште две фотографии, едната на Рама и на Али Ахмети и втората – четворицата лидери на партиите на Албанците од Македонија со премиерот Рама и со министерот за надворешни работи на Албанија, Фатмир Бушати.

На последната, задна страница е отпечатен портрет на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, зад чиј грб стои картата на Голема Албанија, со двоглав орел, заедно со текстот „Ние не бегаме од платформата, имаме позитивен аспект кон неа – Зоран Заев“.


ВМРО-ДПМНЕ: Единственото решение се нови предвремени парламентарни избори


Скопје, 6 март, 2017 - 10:34 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска, во редовното утринско соопштение, „цитира“ точки од платформата на Албанците кои, според партијата, „се прифатени од страна на Зоран Заев“.

– „Усвојување заедничка и обврзувачка резолуција во Собранието на Република Македонија со која владата на Република Македонија се обврзува активно да се вклучи во процесот за решавање на спорот со името“. „Вклучување на Албанците во работната група за директни преговори со Грција“. „Брза интеграција во НАТО и во Европската Унија – Исполнувањето на горенаведените точки ќе го деблокира патот на Македонија кон целосна интеграција во НАТО и отворање на преговорите за членство во Европската Унија“  – се набројува во партиското соопштение.

На изборите, според партијата, граѓаните гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а не за „Тиранската платформа“.

– Недозволиво е тиранска платформа да стане услов за формирање влада во Република Македонија. Таа влада би била тиранска влада. Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да го свиткаат ’рбетот, да го прогласат албанскиот јазик и неговото писмо за официјален државен јазик, заедно со македонскиот и со неговото кирилско писмо. Зоран Заев и СДСМ немаат проблем да ги променат името на државата, химната, знамето, банкнотите, униформите, написите – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата го повторуваат ставот дека единственото решение и одговор на сите прашања „ќе може да се добијат на нови предвремени парламентарни избори, отфрлајќи секакви платформи од туѓи држави“.


Заев за ХРТ: Не очекувам насилства и судири


Скопје, 4 март, 2017 - 21:24 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зорав Заев, во интервју за Хрватската државна телевизија (ХРТ) вели оти не верува дека ќе дојде до судири и до крвопролевања во земјава и дека ако тоа требало да се случи ќе се случело порано.

– Тоа како страв постои и сите се плашиме од таа работа, но јас сум уверен дека нема да дојде до тоа. Ако требаше да дојде до тоа, ќе се случеше многу порано. Со многу трпение, посветеност и внимателност, на зелена маса преку преговори дојдовме до тука… Во моментот, мојот политички опоненет поддржан од претседателот на државата, алудира на поделби, на федерализации, на уништување на унитарниот карактер на државата. Ако јавно ги нападнете граѓаните кои што се повеќе од 20 отсто во Македонија тие ќе се бранат и тогаш настануваат поделбите. Ако заедно ги сплотите луѓето, бидете единствени, тогаш државата е посилна. Нашиот концепт е „Едно општество за сите“, нивниот е „Македонија на Македонците“. Не, Македонија е на сите граѓани кои што живеат во Македонија. И оттука нашата улога сега е трпение, внимателност и претпазливост во се што правиме – вели Заев во интервјуто.

На прашањето дали ги предал националните интереси со прифаќањето на барањата на албанските партии, лидерот на СДСМ вели дека за претседателот на државата Ѓорге Иванов било спорно тоа што пишува дека „се бара да се отвори дебата за државните симболи, како грбот, знамето и химната“ и „формулацијата каде што се осудуваат војски од минатито век кои што убивале цивилно население“.

– Тие бараат дебата (албанските партии н.з.), ниту бараат одлуки, ниту укажуваат како. Како чинители во ова наше заедничко општество во кое што живееме, сакаат да ги кажат и своите мислења. Ако сме демократска земја, не треба да се плашиме од дебата. И таму има една формулација каде што се осудуваат војски од минатиот век кои што убивале цивилно население. Нема ништо лошо во тоа. Некои алудираат дека тоа биле српски војски, некои викаат дека биле германски, некои италијански или бугарски, за време на фашизмот или втората балканска војна. Но, осудата дека војски убивале цивили не е нешто страшно. Така што изговорот што го најде дека некој и мисли лошо на Македонија е без основ – вели Заев.


ДУИ: Иванов да ја промени одлуката, декларацијата не го крши Уставот


Тетово, 4 март, 2017 - 13:26 (META) 

„Заедничката изјава на парламентарните албански партии на Македонија претставува еден заеднички документ на албанските политички партии во Македонија, подготвен и потпишан во Скопје, како резиме на изборните програми на сите наши парламентарни партии и во никој случај не претставува наметнување на каков било надворешен фактор“, стои во соопштението на ДУИ по вчерашниот состанок на централното претседателство на партијата, на која беше одлучено ДУИ да влезе во нова влада предводена од СДСМ.

Од ДУИ велат дека изјавата на албанските партии е во согласност со европските вредности бидејќи ја „зајакнува етничката кохезија, помага за зајакнување на демократијата, владеењето на правото и на законот, како и за евро-атлантската перспектива на нашата земја“.

„Ние сметаме дека заедничката изјава на албанските парламентарни партии е во духот на Охридскиот договор и на Уставот на земјата и како таква на каков било начин не влијае врз интегритетот на земјата и не го загрозува унитарниот карактер и уставниот поредок на државата. Исто така, ниту еден ред од оваа изјава не го прекршува Уставот на Република Македонија“, стои во соопштението од ДУИ.

Албанските политички партии, ниту нивната заедничка изјава, се додава во соопштението, не беа причина за системската, политичка и за институционална криза во земјата. Од ДУИ ги повикуваат политичките партии да се воздржат од претворање на политичката криза во меѓуетнички судир.

„Затоа, го повикуваме Иванов, во согласност со своите уставни обврски, како и со неговото барање за време на консултациите со сите парламентарни партии, да го додели мандатот за формирање влада на новото парламентарно мнозинство, потврдено со 67 потписи на пратениците од Собранието на Македонија. Истовремено, го повикуваме Иванов, како и политичките партии во Македонија, да бидат умерени и претпазливи во своите изјави за да не се загрози заедничката иднина на граѓаните во Македонија“, нагласуваат од ДУИ.


Хашим Тачи: Иванов со одлуката ја закопа демократија, игнорирајќи ја волјата на народот


Приштина, 2 март, 2017 - 12:17 (META) 

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, на својот профил на „Фејсбук“, како реакција на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов вчера да не го додели мандатот за формирање влада, напиша дека политичките случувања во Македонија се вознемирувачки и дека Македонија го губи значењето на функционална држава без еднакви права на Албанците.

„Развојот на политичките случувања во Македонија е многу вознемирувачки. Претседателот Иванов го злоупотреби Уставот и законите во неговиот антиалбански, непријателски пристап кон оние кои претставуваат една третина од граѓаните на оваа држава. Со оваа одлука претседателот Иванов ја закопа демократијата, игнорирајќи ги волјата на граѓаните, Уставот и законите и го закопа Охридскиот договор. Албанците во Македонија се конститутивен народ и Македонија треба да биде држава на сите нејзини граѓани. Без еднакви права на Албанците во Македонија, таа го губи значењето на функционална држава. На крајот, Албанците треба да ја земат судбината за своите права во свои раце“, вели Тачи.


Ахмети: Платформата не ја загрозува унитарноста, граѓаните да бидат смирени


Скопје, 2 март, 2017 - 10:47 (META) 

Заедничката изјава на албанските парламентарни партии во Македонија е усогласена и напишана во Скопје и е врз основа на изборните програми на сите албански кандидати на изборите на 11 декември, напиша лидерот на ДУИ, Али Ахмети на „Фејсбук“.

„Оваа платформа на ниту еден начин или форма не ја нарушува државата, унитарниот карактер ниту, пак, станува збор за федерализација или поделба. Албанските партии не беа причина за системската криза во земјата и имајќи го предвид ова, ги повикувам албанските политички партии да се воздржат од претворање на системска и меѓуетничка криза во етнички судири меѓу двете најголеми етнички заедници на оваа земја. Исто така, ги повикувам македонските партии да се воздржат во нивното изразување на незадоволство од импликација на етничкиот елемент поради чувствителноста на нашето општество“, вели Ахмети.

Тој ги повика граѓаните да ја зачуваат ладнокрвноста и да не дозволат никој да биде жртва на злонамерни сценарија кои потекнуваат од сомнителни адреси. Ахмети додаде дека ова е политички проблем и политичките партии, како и институциите во земјата ќе го најдат најдоброто решение за граѓаните.


Османи: ДУИ го осудува обидот политичката криза да се префрли на меѓуетничка основа


Скопје, 1 март, 2017 - 20:21 (META) 

ДУИ го осудува обидот, моменталната политичката криза да се префрли на меѓуетничка основа, изјави за „СДК“, портпаролот на партијата Бујар Османи, откако претседателот Ѓорге Иванов денеска не му го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев да формира влада.

– ДУИ го осудува обидот заедничката декларација на албанските партии во Македонија да се оквалификува како платформа на туѓа држава. Ова, како и упорноста политичката криза да се префрли на меѓуетничка основа, може да доведе до катастрофална ситуација во државата – предупреди Османи.


Беса: ДУИ не е достојна да свика средба на албанските партии


Скопје, 20 февруари, 2017 - 14:52 (META) 

Бучавата што се прави за заедничката тркалезна маса на албанските парламентарни партии е за некои албански партии во Македонија да придобијат политички поени во пресрет на локалните избори, велат од Движењето Беса.

Ставот на Беса е дека не прифаќа состанок кој е инициран од претседателот на ДУИ во Скопје.

„Тие што беа главни виновници што на Беса ѝ беа одземени два пратеника за да ѝ се дадат на ВМРО-ДПМНЕ, немаат веќе легитимитет да ги застапуваат Албанците, ниту се достојни да свикаат средба на албанските политички партии во Македонија. Нивниот лидер може да биде поглавар на некоја партија или алијанса, но за нас тој е главниот виновник за актуелната состојба на Албанците во Македонија. Поради оваа причина, ваквите иницијативи, наводно во име на албанските интереси, но злоупотребувајќи ја тркалезната маса, за нас се со лоши намери и за цел ја имаат само рехабилитацијата на тие што 15 години екстремно го уништија интересот на Албанците во Македонија. На тој што му се потребни јавни средби со Беса, за да може како Пилат да си ги измие рацете од кривичните дела, не можеме да му го дозволиме тоа задоволство“, велат од Беса.

Според партијата, состаноците кои се одржуваат во име на платформата, повеќе личат на разговори за коалиција на ДУИ и на Алијанса на Албанците. Од партијата додаваат дека сè уште ја поддржуваат платформата и дека нејзините пратеници ќе гласаат по нејзините точки кога ќе дојдат на дневен ред во Собранието.