fbpx

Контраспин: Секоја партија, па и ВMРО-ДПМНЕ, треба да се занимава и со дневна политика

Дали тоа е успешно дневно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже јавноста, а не Османи со својата оценка и спин, којшто може да е инспириран и од нападите врз Груби и ДУИ од страна на опозициската партија.

-

Османи ја извртува вистината кога ја советува ВМРО-ДПМНЕ да не се занимава со дневна политика и тоа е освен спин и непринципиелен став, зашто, меѓу другото, опозицијата се занимава и со работењето на Османи и со работењето на вицепремиерот Артан Груби. Освен ова Османи ја извртува вистината околу изедначувањето на трите клучни договори и вели дека неприфаќање на еден од нив би значело газење на „црвени линии“, поради што ВМРО-ДПМНЕ не би имале партнер кај Албанците за некоја идна влада, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој воедно е фукционер од ДУИ, во тв интервју изрече став во кој се препознаваат два спина:

Спин: ВМРО ДПМНЕ треба да размислува за своите политички позиции, а не да се занимава со дневна политика. Утре ако дојдат на власт треба да знаат дека името на Македонија е Северна Македонија и да го почитуваат. Неприфаќањето на еден од 3-те договори е газење на црвените линии и на тој начин кај Албанците немаат партнер. ВМРО ДПМНЕ имаше добри односи во АА, но со својата реторика го загуби албанскиот стратешки партнер. Сакаме функционална мултиетничка држава.

[Извор: 21 ТВ/веб – Б. Османи/изјава;датум– 22.03.2023]

Контраспин: Шефот на дипломатијата и гласноговорник на ДУИ, како и координатор на ДУИ за Чаир, Бујар Османи искомуницира со јавноста со став за ВМРО- ДПМНЕ кој е спинуван и тоа на двапати – околу тоа што ѝ било работа на парламентарната партија во опозицијата, како и околу 3 -те договори кои се клучни за РСМ.

Најпрво за првиот спин – дали партијата треба да се занимава со дневна политика или само со своите политички позиции, се мисли генерални, е целосно непринципиелно, но и извртување на вистината. Тоа е така затоа што секоја политичка партија си го креира начинот на дејствување согласно одлуките на своите раководства избрани на легитимни партиски избори, а врз основа на статутот на партијата и програмски документи за нејзиното дејствување.

ВМРО-ДПМНЕ е најголема парламентарна партија во државата по последните парламентарни избори во 2020 година, партија во опозиција, бидејќи коалицијата на власт од СДСМ и нејзините коалициски партии имаат повеќе пратеници со кои го добија мандатот да формираат влада и да управуваат со земјата. Опозициската партија ги поседува сите претходно наведени елементи на легитимност и легитимитет и е составен дел од институционалниот политички живот во земјата, па според тоа, таа има целосно право и автономност да дејствуваа во политичкиот живот на начин каков што мисли дека е најпогоден за остварување на нејзините програмски цели. Па според тоа и со дневна политика.

Непринципиелноста на Османи со изјавата и спинот во неа, најјасно би се согледале само доколку се видат обратните примери – кога ВМРО-ДПМНЕ ги учи другите партии што треба да прават. На пример и СДСМ и ДУИ, а тоа се случува исто така во обратна насока секојдневно. Но, пораката дека не треба да се занимава со дневна политика може да се разбере и како порака ВМРО-ДПМНЕ, на пример, да не се занимава со прашања со кои особено се занимава во последните две недели. Оваа партија, ако се видат нејзините прес-конференции и соопштенија, се занимава со скандалот наречен „надзор“ што избувна по потпишувањето на договорот со Бехтел и Енка, како и со улогата на Димитар Ковачевски и Артан Груби во овој скандал. Но, исто така, ВМРО-ДПМНЕ се занимава со начинот на кој братот на Груби купил деловни простории во центарот на Скопје и дали има или нема коруптивно дејствување во тоа што во рок од две години фирмата на братот на Груби од неколку институции добила еден милион денари.

Дали тоа е успешно дневно дејствување на ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже јавноста, а не Османи со својата оценка и спин, којшто може да е инспириран и од нападите врз Груби и ДУИ од страна на опозициската партија. Затоа, со пораката дека партијата не треба да се занимава со дневна политика Османи спинувано комуницира со јавноста.

Вториот спин на Османи е во фактот дека ВМРО-ДПМНЕ мора да ги почитува трите клучни договори за С. Македонија, инаку нема да најде албански партнер за идна власт. Иако не е наведено децидно кои се, сосема е јасно дека станува збор за Охридскиот рамковен договор, Договорот од Преспа и Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

И додека првите два договори се етаблирани во политичкиот живот во земјата дури и преку Уставот (и за првиот и за вториот се менуваше Уставот), и речиси и нема реакции во јавноста ниту од ВМРО-ДПМНЕ за нивното почитување, за третиот договор чија имплементација е во тек и за кој исто така треба да се спроведат уставни измени, но во рамките на Рамката за преговорите меѓу ЕУ и С. Македонија, работите стојат нешто поинаку.

Имено, во самиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Р. Бугарија, во член 13 (став 2 и 3) е вградена можноста овој договор да може да се измени или да се раскине.

Член 13

(1) Овој Договор подлежи на ратификација согласно уставните барања на Договорните страни. Овој Договор влегува во сила на датумот на размената на ратификационите инструменти на двете Договорни страни и останува во сила за неопределен временски период.
(2) Овој Договор може да биде изменет со писмена согласност меѓу двете Договорни страни. Измените се договараат по дипломатски пат и влегуваат во сила во согласност со став 1 од овој член.
(3) Секоја Договорна страна може да го раскине Договорот со испраќање на писмено известување до другата Договорна страна. Договорот ќе престане да биде во сила една година по датумот на приемот на ваквото известување.

Со самиот тој факт, потписниците, претставниците на РСМ и РБ уште во 2017 година оставиле можност (согласно дипломатски шаблони за билатерални договори), овој договор да не се толкува како „вечна вистина“, туку да може да се разговара за него во смисла на негово подобрување, или пак, целосно раскинување.

Тоа што ВМРО-ДПМНЕ преку разни свои високи претставници досега неколкупати ѝ нафрла на јавноста една таква можност, (како и друга – за повторно да води преговори за преговарачката рамка која е многу помалку реална, според повеќе толкувања и од ЕУ и од аналитичари), ниту може да биде црвена линија за Албанците во С. Македонија, ниту пак, експлицитно значи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да може да најде партнер за да коалицира во идна влада од редовите на албанските опозициски партии. Тоа, во моментов едноставно никој не може да го каже, а во моментов има две големи и една можна трета опозициска партија на Албанците – Алтернатива, БЕСА и опцијата фракционерите од ДУИ да направат партија.

Дали е умно ВМРО-ДПМНЕ тоа да го стори – да се обиде да репреговара со Бугарија за Договорот од 2017 година, да се надева дека може да репреговара со ЕУ околу нова преговарачка рамка, тоа е оценка на партијата, која, кога јасно ќе биде изнесена, ќе наиде на тест на оценка од граѓаните и нивните гласови. Но, самиот факт што и владејачката коалиција од СДСМ и ДУИ чии претставници ја оставиле можноста за репреговарање или напуштање на тој договор во член 13, јасно укажува дека таа опција постои и не може тој договор да се оценува на исто рамниште со Охридскиот договор и Договорот од Преспа.

Од тие причини и тој дел од изјавата на Османи – за газење „црвени линии“ поради што ВМРО-ДПМНЕ не би имале партнер кај Албанците за некоја идна влада, може да се оцени како спин.

Пишува: Теофил Блажевски

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Македонија гласа: Седми претседателски избори со седуммина кандидати

Денеска се одржуваат седмите претседателски избори во Република Северна Македонија, а за функцијата Претседател на РСМ се натпреваруваат седум кандидати. Со право на глас на Претседателските избори 2024 во Избирачкиот...