This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Mon Dec 18 2:55:08 2017 / +0000 GMT

Свилановиќ: Интеграцијата на Ромите е услов за проширување на ЕУ




Прашањето за позицијата и за интеграцијата на Ромите во државите од Западен Балкан и во Турција е услов на Европската Унија за проширувањето и е важно прашање за сите земји од регионот, изјави генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ, во Виена.

Зборувајќи на отворањето на дводневниот регионален собир на претставници на националните контакт-центри за Ромите и на различни министерства од владите на земјите на Југоисточна Европа (ЈИЕ), меѓу кои и од Македонија, Свилановиќ укажа дека Ромите сочинуваат 5,5 отсто од населението во регионот и дека токму неизвесноста на нивната позиција било причина ЕУ да го постави ова прашање високо на својата агенда.

„Европските институции, земјите членки на ЕУ како и земјите кои тежнеат кон приклучување во ЕУ имаат заедничка одговорност да го унапредат животот на своите сограѓани Роми. За да се следи напредокот и остварувањето на целите на интеграцијата на Ромите до 2020 година, потребни се точни и ажурирани информации“, изјави Свилановиќ.

На собирот, кој е всушност работилница за претставниците на владите на земјите членки од ЈИЕ кои тежнеат кон приклучување во ЕУ, се претставува начинот и технологијата која треба да ја применува секоја земја одделно, а која е многу слична со образецот што се применуваше при реализација на Декадата на Ромите 2005-2015 година.

Целта на проектот за интеграција на Ромите до 2020 (IR 2020), е националните влади да интегрираат посебни мерки поврзани со Ромите во главните социо-економски политики, како и во процесот на планирање на националните буџети и постапките за давање услуги во оваа област, соопшти РСС.

Проектот е почнат во јуни 2016 година од Европската комисија, Фондацијата „Отворено општество“ и Регионалниот совет за соработка, меѓувладино тело на земјите членки на Процесот за соработка во ЈИЕ (SEECP), чиј основач и полноправна членка е и Република Македонија.
Post date: 2016-12-13 11:21:43
Post date GMT: 2016-12-13 10:21:43
Post modified date: 2016-12-13 11:21:43
Post modified date GMT: 2016-12-13 10:21:43
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com