Снег на Водно, Скопска Црна Гора, Попова Шапка и на Маврово


       
Скопје, 7 октомври, 2017 - 11:18 (META) 

Падот на температурата придонесе и за појава на првиот снег во планинските предели. Првата снежна покривка денеска е регистрирана на Водно, Скопска Црна Гора, Попова Шапка и на Маврово.

На социјалните мрежи веќе се појавија и фотографии од првиот снег, кој е невообичаен за овој период од годината.
Од УХМР претходно соопштија дека во текот на денот ќе има повремени врнежи од дожд, кои на места ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на еден квадратен метар, а на планинските предели, на надморска височина над 1.500 метри ќе има врнежи од снег.

Во текот на денот ќе дува умерен, повремено засилен северозападен ветер, кој на моменти ќе дува си брзина до 70 километри на час, а дневната температура ќе се спушти до 16 Целзиусови степени.

Во Скопје и во околината денеска ќе биде променливо облачно со повремен дожд и со температура до 10 Целзиусови степени.
Поради драстичниот пад на дневната температура, БЕГ и „ЕЛЕМ Енергетика“ порано ја почнаа грејната сезона.