Пониски цени на роамингот помеѓу Македонија и Бугарија, тема на Дигиталниот самит


       
Скопје, 19 февруари, 2018 - 10:36 (META) 

Регулаторните тела за електронски комуникации на Македонија и на Бугарија разгледуваат можности за намалување на цените на роаминг на услугите помеѓу двете држави, информираат од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Новини за најавеното намалување на цените во роаминг помеѓу двете држави се очекуваат на претстојниот Дигитален самит, чиј домаќин ќе биде Македонија во април, и на Самитот за Западен Балкан, што треба да се одржи во мај во Бугарија.

– Се разгледаа и дополнителни можности за владина и/или регулаторна интервенција за намалување на цените на роаминг услугите на претплатниците во овие две држави – се додава во соопштението.

Сега за минута разговор во роаминг од Бугарија во Македонија се плаќа меѓу 90 и 210 денари и 750 денари за мегабајт интернет.

При посетата на претседателот на регулаторното тело надлежно за електронски комуникации во Бугарија, Росен Жељазков на македонската Агенција за електронски комуникации (АЕК) се разговарало за активностите на двете регулаторни тела во изминатиот период и за продолжување на соработката согласно потпишаниот Меморандум за разбирање со цел да се продлабочи размената на искуство во областа на регулацијата на пазарот за електронски комуникации.

По Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, на 23 ноември лани, македонскиот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и бугарскиот министер за транспорт и информатички технологии, Ивајло Московски, потпишаа меморандум за разбирање со кој, како што беше најавено, ќе ги поттикнат операторите да склучат договори за пониски цени при разговор, пораки и интернет во роаминг.