МЗШВ: Започнати се постапки за доделување на концесии за повеќе риболовни води


       
Скопје, 18 јули, 2018 - 12:41 (META) 

Владата на вчерашната седница донесе одлуки за започнување на постапки за доделување на рибите по пат на концесија за повеќе риболовни води, информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

„Започнатите постапки за доделување концесии на рибите за органзирање рекреативен риболов се однесуваат на рекреативните зони на Охридското и Дојранското езеро, риболовните ревири Црна Река 1 – Демир Хисарски, Црн Дрим 2, Злетовска Река, Треска 1 – Кичевски и aкумулација Матка, а за вршење стопански риболов на риболовните подрачја Охридско и Дојранско езеро“, се вели во соопштението на МЗШВ.

Во него се додава дека риболовната основа за риболовнта вода Охридско Езеро во почетокот на 2018 година е изменета во правец на целосна заштита и одржливо користење на рибите во езерото.

„Конкретно, направени се измени во делот на утврдување на периодот на мрест и времето во кое е дозволен риболовот и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за охридската пастрмка, охридската белвица и крапот. Исто така, заради одржување на популацијата намалени се количините на дозволен улов на видот охридска белвица. Направени се измени кои ги задоволуваат потребите на рекреативните риболовци, а со тоа и развојот на риболовниот туризам“, велат од МЗШВ.