!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Груевски најави политички документ – „платформа за зачувување на Македонија“


       
Скопје, 19 март, 2017 - 19:52 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ подготвува политички документ со кој ќе понуди начин за излез од кризата, најави лидерот на партијата, Никола Груевски, во вечерашното интервју за „Канал 5“.

Груевски изјави дека очекува следените денови документот да биде финализиран и да им биде понуден на сите поголеми политички партии како решение за излез од политичката криза.

– Ние подготвуваме документ за зачувување на Македонија, тоа е политички документ кој ќе понуди начин за излегување од кризата. Преку негово прифаќање ќе се излезе од кризата, но нема да се наруши унитарноста на државата. Овој документ во текот на следната недела ќе биде понуден на сите политички партии и очекуваме од нив да го прифатат како излез од политичката криза – изјави Груевски во интервјуто.

Документот, како што рече Груевски, еднаш бил разгледан од извршниот комитет на партијата, кој дал сугестии, а во текот на престојната недела треба да биде финализиран од работната група и да им биде доставен на политичките партии.

Околу посетата на еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, во вторник, Груевски ги повтори трите барања што претходно ги најави пратеникот Александар Николовски.

Груевски во интервјуто рече дека крајната цел од реализацијата на платформата на албанските партии е промена на уставното име на Македонија по грчки терк и федерализација на државата.

– Тоа е еден план кој само народот може да го спречи. Во вакава ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ го нема мнозинството во парламентот за сама да ја одбрани државата, народот ќе треба да ја одбрани државата. Држвата може да ја нема ако народот остави овој човек (Зоран Заев, н.з.) да го истера својот план – рече Груевски во интервјуто.