!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

ВМРО-ДПМНЕ бара Хан во вторник да ја осуди платформата и да ги земе предвид протестите


       
Скопје, 17 март, 2017 - 20:18 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ ќе достави три барања до еврокомесарот за добрососедска политика и за проширување, Јоханес Хан, при неговата посета во вторник.

Ова го најави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, при гостувањето во дневникот на телевизија „Сител“.

„Прво, очекуваме јасно да ја осуди тиранската платформа и јасно да осуди мешање на странски држави во внатрешните работи на Република Македонија. И Албанија како и Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ и очекуваме однесувањето на премиерот на Албанија да биде осудено од надлежниот за таа работа, а тоа е еврокомесарот за проширување“, рече Николоски.

Втора работа што ВМРО-ДПМНЕ ја очекува од комесарот и од Европската Унија, е да се држат до своите принципи и барања.

„Неговиот претходник Оли Рен во 2007 година, бараше да се почитува правилото при формирање влада кое значи, победникот во македонскиот, секогаш да коалицира со победникот во албанскиот блок. Бараме тоа правило да се почитува и сега и во иднина. Да не се прекршуваат правилата што ги бара самата ЕУ“, додаде Николоски.

Третата работа која ја очекуваат е „да се испочитуваат преку 200.000 луѓе кои секој ден се низ сите градови во Македонија и имаат свој став“.

„И можеби најбитното е да се одблокираат евроинтегративните процеси. Во оваа насока сметам дека е многу корисно што комесарот Хан доаѓа во Скопје, го троши своето време и сака да помогне. Но, би било многу подобро и за Македонија и за него самиот, доколку исто толкава енергија и време троши во Атина, затоа што блокадата на евроинтегративниот процес доаѓа оттаму“, изјави Николоски.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на координативниот состанок во Собранието свикан од поранешниот претседател Трајко Вељаноски, тој изјави дека „ВМРО-ДПМНЕ има стратегија како ќе постапува, но ќе ја соопшти кога ќе дојде вистинскиот момент“.