Документите од Панама: Орце Камчев е сопственик на офшор-фирма


       
Скопје, 9 мај, 2016 - 16:59 (META) 

Јордан (Орце) Камчев е сопственик на фирмата „Десимарг лимитед“, која е основана на Бахамите. Документи од Панама првпат овозможуваат доказ за тоа дека тој е директен сопственик на таква компанија, објави истражувачкиот тим на „Нова ТВ“.

Компанијата е основана на 3 јануари 2014 година, од фирмата „Консулко“, а во јули 2015 година веќе е почната ликвидациска постапка за неа.

„Тоа е воедно и првиот пат како Јордан Камчев се идентификува како сопственик.  Агентите од „Консулко“ им пишуваат на „Мосак Фонсека“ дека ќе почнат ликвидација на компанијата, но прво го менуваат директорот. Нов директор на 9 јули станува Ненад Јосифовиќ, личност која во моментов е член на надзорниот одбор на „Стопанска банка – Битола“, член на управниот одбор на ГТЦ, како и човек кој со години врши менаџерски функции во компаниите што се дел од „Орка холдинг“, компанија на семејството Камчеви. Во истиот ден кога Јосифовиќ е назначен за директор на компанијата „Десимарг лимитед“ од Бахами, тој го именува Јордан Камчев за ликвидатор на фирмата“, пишува „Нова ТВ“.

Како што пишува истражувачката редакција на медиумот, во документ од 9 јули, во изјава која Камчев ја дава лично како ликвидатор, пишува: „Јас, како единствен сопственик на „Десимарг лимитед…“.

„Не е познато за какви цели е користена компанијата „Десимарг лимитед“, но во еден дел од електронската преписка со „Монсак Фонсека“, тие ја споменуваат Македонија. Од „Консалко“ бараат низа документи што се неопходни за да се ликвидира „Десимарг лимитед“, а кои ги бара бахамскиот регистер и меѓу кои е и листата со активности што компанијата ги вршела во Македонија. Од истиот меил дознаваме дека сметководствените податоци за „Десимарг лимитед“ се чуваат во Никозија, Кипар“, пишува „Нова ТВ“.