Џафери: Следува период за имплементација на законите и политички дијалог


       
Скопје, 18 април, 2018 - 13:43 (META) 

Извештајот е позитивен, безусловен, со препорака за определување датум за почнување преговори за членство во ЕУ. Ова е достигнување на сите во Република Македонија, а посебно на граѓаните, кои стрпливо дадоа поддршка за сите напори кои беа преземани од политичките партии, Собранието и Владата, истакна претседателот на Парламентот Талат Џафери по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, кој нему и на координаторите и потпретседателите на Собранието им го предаде извештајот за напредокот на земјата.

Џафери по средбата потенцира дека ова е добар почеток за враќање на европската агенда, но посочи дека во следните два до три месеци ќе треба да се реализира практичната примена на реформскиот пакет закони и до Самитот на ЕУ во мај во Софија и следниот во јуни, за да може да се дојде до определување на датум за почеток на преговори.

Ова е еден од извештаите во кои нема забелешки за Парламентот, вели Џафери, но упатува на имплементација на донесените закони.

– Она што нè очекува сега е процесот Жан Моне, кој ќе следи во Охрид. Нè охрабрија дека треба да продолжиме со дебатата и дијалогот меѓу политичките патии внатре во Собранието и со тоа да покажеме уште еднаш дека сме ги сфатиле сите оние пораки од минатото и дека дијалогот треба да се одвива овде и дека меѓупартиски треба да ги решаваме работите – рече првиот парламентарец.