This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sat Nov 25 2:09:49 2017 / +0000 GMT

Денеска се отвора Музеј на охридскиот бисер во Охрид




Денеска во Охрид се отвора Музејот на охридскиот бисер, кој ќе биде уште едно незаобиколно катче за туристите.

Во срцето на старото градско јадро, веднаш над катедралната црква „Св. Софија“, музејот го отвора познатото семејството Филеви од Охрид, кое, заедно со само уште едно друго семејство - Тилеви, ги знае тајните во изработката на оригиналниот охридски бисер.

Сеќавањата на потомците на Филеви, велат дека приказната за изработката на оригиналниот охридски бисер, почнува во 1928 година, кога во ресторанот на нивните предци, со име „Велика Србија", дошол извесниот Јован Субанович, емигрант од Русија.

Приказната вели дека тајната е донесена од Бајкалското Езеро, полно со ендемичен жив свет, исто како и Охридското, каде пак егзистира малата рипка - охридската плашица, која порано ја имало во изобилиство и од чии седефни крлушки на кожата се изработувала емулзијата за бисерот.

Најмладиот наследник на семејството и традицијата, Михајло Филев, вели дека во Музејот посетителите ќе може да го запознаат целиот процес на изработка на надалеку прочуениот охридски бисер.

Ќе бидат изложени оригиналните алатки со кои се изработуваат бисерите, фотографии од семејството од годините на почетокот на изработката на бисерите, како и фотографии на личности од земјата и од светот, кои го купиле или го добиле како подарок охридскиот бисер.

Меѓу нив се и познати личности од светот на политиката, бизнисот и естрадата, како и кралицата на Обединетото кралство, Елизабета Втора.
Post date: 2016-12-25 12:06:37
Post date GMT: 2016-12-25 11:06:37
Post modified date: 2016-12-25 18:04:04
Post modified date GMT: 2016-12-25 17:04:04
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com