fbpx

„Чекајќи го мај“ го отвори четвртиот „Анимакс-фест Скопје“

-

„Филмот „Чекајќи го мај“ (The Wait Of May) на бардот на италијанската анимација Симоне Маси, во четвртокот го отвори четвртото издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс-фест Скопје“, што ќе се одржува до 6 декември во Кинотека на Македонија.

Првиот фестивалски ден почна со утрински проекции на осум анимации за деца. Вечерта беше резервирана за повозрасната публика, која уживаше во стоминутна проекција во рамки на која беа прикажани 14 анимации од цел свет.

Вчера беше прикажан и филмот „Конзо“ на единствениот македонски претставник, Иван Ивановски.

Организаторите на фестивалот, продукцијата „Аурипигмен“, велат дека се презадоволни од бројката на посетители што вчера беа присутни во Кинотека на Македонија и од тоа што и во Македонија има љубители на анимацијата и препознавање на квалитетот на овој специфичен жанр.

Македонската публика и во следните два дена, 5 и 6 декември, ќе има единствена можност да ги проследи најдобрите и најнови филмови од светот на анимацијата.

Вториот ден од фестивалот, 5 декември, исто така, ќе почне со проекција на филмови за деца. Во 12 часот, ќе се одржи и работилница на тема „Филмските фестивали – поттик и потреба“, на која ќе говори гостинката од Австрија, која е член на жирито, Дорис Бауер.

Официјалната програма ќе почне во 20 часот, со прикажување на францускиот филм „Кики од Монтпарнас“ (Kiki of Montparnasse). Билетите чинат 50 денари и може да се набават на влезот на Кинотека на Македонија. Организаторите на фестивалот порачуваат дека билетите треба да се чуваат и по крајот на проекциите затоа што претставуваат бесплатен влез за клубот „Миднајт“ за датумот назначен на билетот.

Во трите фестивалски денови ќе бидат прикажани вкупно 52 филмови и тоа 44 за возрасни и осум анимации за деца. Детската програма в сабота ќе почне во 12 часот, а влезот е слободен за сите заинтересирани.

Оваа година мото на фестивалот е „Ако сите светат, ти блескај“. Се пријавија рекордни 326 анимации од 52 земји во светот. Селектор на програмата е Благоја Куновски Доре, а за победниците и за добитниците на наградите „Златна тула“ ќе одлучува четиричлено интернационално жири: м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска од Кинотека на Македонија, Андреј Рубетској од Русија – режисер, аниматор, сликар и сценарист, Дорис Бауер од Австрија – кодиректор на филмскиот фестивал за краток филм „Еспресофилм“ и главен куратор на меѓународната програма за фикција и за документаристика при „Виена индепендент шортс“ (VIS Vienna Independent Shorts) и Диме Ратајкоски – главен и одговорен уредник на МРТ и автор на повеќе од 50 документарни емисии, филмови и репортажи.

За „Златна тула“ за најдобар филм за деца ќе гласаат дечињата во текот на трите фестивалски денови.

Наградите ќе бидат доделени на затворањето на фестивалот, в сабота, 6 декември.

На последниот фестивалски ден, гостинот од Русија, Андреј Рубетској, ќе одржи работилница за деца на возраст од 8 до 13 години, под наслов „Трикови на анимирање“. Работилницата ќе се одржи во 13 часот, во Кинотека на Македонија. Сите заинтересирани можат да пратат лични податоци на мејловите [email protected] и [email protected]. Бројот на учесници е ограничен.

Новина на годинешното издание на фестивалот е соработката со Европската филмска академија ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, Универзитет за аудиовизуелни уметности – ЕСРА, кој ќе додели две стипендии од 3.000 евра. Рокот за пријавување заврши на 4 декември.

„Анимакс-фест Скопје“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар „Тинтири-минтири“ од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и од Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...