Албанската „Балфин груп“ го купила земјиштето на Скопски саем од бугарската „Кардфинанс“


       
Скопје, 25 октомври, 2017 - 13:41 (META) 

Парцелата на Скопски саем, сосе објектите, е продадена, а „Скопски саем“ како бренд и компанија ќе ги продолжи своите активности за организирање саемски манифестации на нови локации, потврди Дејан Кошутиќ, директор на „Скопски саем“, на денешното отворање на саемот „Технома 2017“ во „ВИП-арена – Борис Трајковски“.

Тој појасни дека на 28 јули годинава нов сопственик на парцелата и на компанијата „Скопски саем“ станала бугарската компанија „Кардфинанс“. Сега таа, иако не е повеќе сопственик на парцелата, продолжува со саемската дејност, рече тој.

Кошутиќ ги потврди информациите дека албанската корпорација „Балфин груп“, која во понеделникот објави дека купила 155.000 квадратни метри земјиште во Скопје на раскрсницата на булеварот Александар Македонски и улицата Беласица, е новиот сопственик на просторот на Скопски саем. „Балфин груп“, инаку, го изгради и неколку години стопанисуваше со „Сити мол“, а минатата година го продаде на британска компанија за сума од 92 милиони евра.

Покрај парцелата на која се саемските хали, која се протега на повеќе од 150.000 квадратни метри, во планираниот деловно-станбен комплекс што на 250.000 квадратни метри планира да го гради „Балфин груп“, веројатно ќе се најде и парцелата од околу 80.000 квадратни метри меѓу хотелот „Континентал“ и Скопски саем. Таму сега има само огромна дупка, ископана во 2008 година, кога помпезно беше најавуван проектот „ЕРА сити“.

Компанијата „ЕРА Велење“ од Словенија, која во 2001 година го купи Скопски саем сосе земјиштето, поради неподмирени хипотеки кон НЛБ и „Комерцијална банка“, го загуби имотот и тој беше продаден на бугарската „Кардфинанс“.

Според објавата на веб-страницата на албанската „Балфин груп“, на парцела од 250.000 квадратни метри во следниве пет до седум години ќе се изгради трговски центар на 45.000 квадратни метри, како и станбени и деловни згради. Инвестицијата се прави преку фирмата – ќерка „Скопје ист гејт риал естејт дивелопмент“.