fbpx

Женска трка во поддршка на жените со мултипла склероза

Годинава 3.500 учеснички на Женска трка дадоа поддршка на жените со мултипла склероза, со поставување на портокалова панделка, во знак на солидарност и поддршка

-

Трета година по ред се одржува женската трка во соработка со Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза. Годинава 3.500 учеснички на Женска трка дадоа поддршка на жените со мултипла склероза, со поставување на портокалова панделка, во знак на солидарност и поддршка.

„Оваа година, токму на Светскиот ден на здравјето, имавме огромен број поддржувачи, соработници, искусни маратонци, познати и помалку познати лица кои дадоа поддршка во зголемувањето на општата свест за МС, а секако учество зедоа и жени кои боледуваат од мултипла склероза и на тој начин докажаа дека покрај хроничната и макотрпна болест со која се справуваат секој ден, успешно ја совладаа и оваа траса. На овој начин ги охрабрија сите лица со МС да бидат активни и докажаа дека и самото учество е победа“, велат од здружението.

Фото: Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза

Симболиката на поврзување со Женска трка била да се сврти вниманието кон поддршка на жените кои се соочуваат со мултипла склероза (МС), бидејќи болеста три пати почесто се дијагностицира кај жените наспроти кај мажите.

„Со заедничка заложба можеме да влијаеме врз оние кои носат одлуки за да направиме позитивни промени во интерес на лицата со мултипла склероза“, велат од здружението.

Фото: Национално здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација, што води до прекин на невротрансмисијата на сигналот од една нервна клетка до друга.

Во Македонија од МС боледуваат околу 1.500 лица додека во светот има повеќе од 2,8 милиони лица. Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 година. Причината за МС сè уште не е позната и досега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола и постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...