„Земјотресна недела“ во Бруталиск: културни настани по повод 60-годишнината од земјотресот

Започнувајќи со промоции на две книги, а завршувајќи со проекција на документарни филмови на денот на катастрофата, подготвена е и музичка викенд програма, како и тематско земјотресно издание на познатиот бар квиз на Бруталиск

Извор: Бруталиск

Културниот Центар Бруталиск се вклучува во одбележувањето на значајниот јубилеј за Скопје со серија настани „Земјотресна недела“, информираат организаторите.

Започнувајќи со промоции на две книги, а завршувајќи со проекција на документарни филмови на денот на катастрофата, подготвена е и музичка викенд програма, како и тематско земјотресно издание на познатиот бар квиз на Бруталиск.

Во четврток во 20 часот неделата започнува со промоција на антологијата „Скопски Раскази” и разговор со уредниците на изданието. Посетителите ќе имаат можност да ја купат по промотивна цена книгата раскази за Скопје од познатите македонски автори како Славко Јаневски, Блаже Конески, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Аљоша Руси, Данило Коцевски, Владимир Мартиновски, Горан Стефановски, Игор Исаковски, Пандалф Вулкански, Александар Прокопиев, Томислав Османли, Румена Бужаровска, Жарко Кујунџиски, Владимир Лукаш.

Извор: Бруталиск

Во петок од 19 до 20:30 часот ќе се одржи едукативна работилница „Љубов голема колку Скопје“ за деца и млади во која преку различни забавни и креативни активности (игри со временски капсули, пишување стари писма, разгледби на Скопје пред земјотресот) ќе го видат градот со поинакви очи. Работилницата ја води Александра Тодоровиќ која во својата истоимена книга веќе го претстави градот преку една љубовна приказна.

Музичката викенд програма почнува со Vanilla Friday сет на резидент диџеј Соња Исмаил, а Brutal Saturday е резервирана за Herzel кој за прв пат настапува во Бруталиск и тоа во неговата летна градина.

Познатиот бар квиз во соработка со Македонската квиз асоцијација ќе има свое 13-то издание во вторник, на 25 јули, со прашања поврзани со скопскиот земјотрес. Учесниците треба да пријават тимови најдоцна до понеделник, а победниците по правило добиваат подароци од бутикот на Бруталиск.

Денот на земјотресот ќе биде одбележан со документарна филмска вечер. „Скопје Сонува“ на скопската режисерка Дина Дума, како и неколку стари документарни филмови во продукција на МРТВ за скопскиот земјотрес ќе бидат проектирани за прв пат во летната градина во Дебар Маало на бул. Илинден 38.