Заостанатите стипендии ќе се исплаќаат на трипати, студентите и учениците треба да потпишат спогодба

За студентите исплатата ќе се врши на три рати: првата рата за четири месеци ќе се случи до крајот на годинава

Фото: Green Chameleon on Unsplash

Сите ученици и студенти кои го оствариле правото на стипендија пред да се зголемат износите на стипендиите, а кои потпишале анекс кон договорот за зголемување на износот на стипендијата, треба да потпишат спогодби и да ги достават до Министерството за образование и наука (МОН) најдоцна до следниот петок, 15 декември.

Со овие спогодби се регулира исплатата на разликата во стипендии заради нивното изедначување од моментот на зголемување на стипендиите до потпишувањето на анексот на договор за стипендија.

За студентите исплатата ќе се врши на три рати: првата рата за четири месеци ќе се случи до крајот на годинава, а втората рата за пет месеци и третата за шест месеци ќе се случи најдоцна до 30 јуни 2024 година.

За учениците, пак исплатата ќе се изврши одеднаш за сите месеци, иако од МОН нема прецизна информација кога тоа ќе се случи.

Спогодбите што треба да се потпишат може да се најдат на овој линк за студенти и на овој линк за ученици.

Спогодбите доставени по 15 декември нема да бидат прифатени, велат од МОН, од каде додаваат дека спогодбите може да ги потпишат само оние ученици и студенти кои претходно потпишале анекс на договорот за стипендија.