Загадениот воздух поголем убиец од пушењето, сообраќајките или ХИВ/сида

Панорама на Скопје од Водно | Фото: Sean Kuriyan на Unsplash

Загадениот воздух ги скратува животите на милијарди луѓе на планетава – во некои случаи и за неверојатни шест години, со што е поголем убиец на луѓе отколку пушењето, сообраќајките или ХИВ/сида, покажува ново истражување.

Како што пренесува британскиот весник „Гардијан“, најголем виновник за загадувањето на амбиенталниот воздух е согорувањето на јагленот, а најпогодена од загадениот воздух е Индија, чии што жители, во просек, умираат шест години порано. Иако Кина во последните 10 години драстично го намалуваше загадувањето на воздухот, тој и таму го зема својот данок, скратувајќи го животниот век на луѓето за 2,6 години.

Научниците од Универзитетот на Чикаго, коишто го подготвија Индексот за животниот век поради воздухот – Air Quality Life Index (AQLI) – предупредуваат дека загадениот воздух е најголемата надворешна закана за човечкото здравје на планетата, а тоа денес не се осознава правилно или не му се дава вистинското внимание.

Според овој индекс, на глобално ниво секој жител на Земјата доживува скратување на животниот век од 2,2 години со сегашното ниво на загадување на воздухот, а сето тоа помножено заедно изнесува вкупно 17 милијарди загубени години.

„Што друго на планетава предизвикува луѓето да загубат 17 милијарди години? Што е пострашно, ние всушност не дозволуваме тоа да се случува, туку го предизвикуваме тоа. Најфрапантната работа е дека има големи земји каде што во суштина поради комбинацијата на власта и општествениот норми предизвикуваат луѓето да живеат драматично пократки и поболни животи“, вели професорот Мајкл Гринстоун, којшто со колегите подготви и извештај за индексот.

Тие го процениле и продолжувањето на животниот век што би се случило во многу земји ако решат да го доведат загадувањето на ниво на воздухот до нивоата препорачани од Светската здравствена организација (СЗО). Во Индија тоа би довело до 5,9 години подолг живот – сега на северот на оваа земја-потконтинент околу 480 милиони луѓе дишат аерозагадувања 10 пати поголеми отколку каде било на друго место на Земјата.

Што се однесува до Македонија, според индексот, за кој се користени податоци до 2019, состојбите се нормални, условите на СЗО се исполнети и загадувањето на воздухот речиси и нема влијание на скратување на животниот век.

Индексот за животниот век поради воздухот – Air Quality Life Index (AQLI) за Македонија. Фото: Снимка од екран од веб-сајтот на индексот