Премиерот Зоран Заев, министерка за одбрана Радмила Шекеринска и парламентарниот спикер Талат Џафери, заедно со началникот на Генералштабот Васко Ѓурчиновски и американската амбасадорка Кејт Брнз, остварија посета на носачот на авиони „Хари С. Труман“, каде што се сретнаа со адмирал Џејмс Фого, командантот на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили во Неапол, информираат од владината прес – служба.

Претседателот на Владата Заев нагласи дека средбата со адмирал Фого на носачот „Хари С. Труман“ е јасен сигнал за активното учество на нашата земја во глобалните процеси кои носат мир во светот.

– Стануваме членка на НАТО во еден исклучителен геостратегиски момент, особено важен момент за зоната на влијанија на Југоисточна Европа, во Црноморскиот басен, и во Средоземното море од кое се контролираат три континенти. Но, поддршката на нашите стратешки партнери, особено на САД и на другите членки на НАТО алијансата, создаде услови поканата за членство воопшто да не биде доведена во прашање. Ние сме дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот. Северна Македонија е фактор за стабилност во регионот, гарант на безбедност. НАТО е најсилната гаранција за нашата стабилност, сигурност, неменливост на граници и за зачувување на територијалниот интегритет – изјави премиерот Заев.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, во својата изјава за јавноста посочи дека носачот на авион веќе е дел од нашата одбрана.

– И тие авиони на носачот, и овие денеска во базата, се дел од нашата одбрана. Сите тие, повеќе од 5.000 војници на носачот на авиони, се дел од нашата одбрана, исто како што нашите капацитети, се дел од НАТО системот. За ова се боревме, за ова работевме и за ова нашата држава вложи многу – нагласи министерката Шекеринска.

Премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на носачот „Хари С. Труман“ беа заедно со премиерот на Бугарија Бојко Борисов, и министерот за одбрана во бугарската влада Красимир Каракачанов.