Заеднички Центар за талентирани ученици отвораат општините Центар, Карпош и Кисела Вода

Новиот центар располага со опрема за планетариум и физика, биохемиска лабораторија и лабораторија за уметности

Дел од новиот Центар за талентирани ученици / фото: Општина Центар

Денеска во основното училиште „Димитар Миладинов“ во Скопје се отвори Центар за талентирани ученици, кој е резултат на меѓуопштинската соработка меѓу општините Центар, Карпош и Кисела Вода.

Како што соопштија од Општина Центар, центарот располага со површина од 120 квадратни метри и вклучува три посебни простории и тоалет, опрема за планетариум и физика, биохемиска лабораторија и лабораторија за уметности.

Просторот е со посебен влез, физички одвоен од влезот во училиштето.

Ваквиот Центар за талентирани ученици е прв во главниот град и има исклучително значење за талентираните ученици кои немаат катче каде ќе можат да ги развиваат и усовршуваат своите таленти, знаења и способности.

Учениците во ова катче ќе работат со своите наставници, додека трошоците за редовните комуналии за просторот, струјата и парното ќе ги намирува училиштето „Димитар Миладинов“. Материјалните трошоци, пак, ќе ги покриваат сите три општини заедно.