За зелениот фонд против аерозагадување и климатски промени земјава бара средства од Обединетите нации

Фото: Martin Sepion на Unsplash

Зелениот фонд за борба против аерозагадување и климатските промени ќе се операционализира преку средства што земјава ќе ги добие од глобалниот Заеднички фонд за Целите за одржлив развој при Обединетите нации. Владата на денешната седница ја усвои информацијата за доставување на предлог-проектот до ОН и го задолжи вицепремиерот Фатмир Битиќи да достави до Канцеларијата на Постојниот координатор на ОН во земјава Писмо на намери за кофинансирање на овој предлог проект.

Инаку, зелениот фонд e со планирана вредност од 36,3 милиони американски долари и од него е планирано да се инвестира во транзиција кон почиста енергија, енергетска ефикасност и зелен транспорт.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на почетокот од месецов го промовираше Зелениот финансиски фонд, споменувајќи дека со него треба значително да се подобри пристапот до достапно зелено финансирање за мали и средни претпријатија и целни групи на поединци/домаќинства за инвестиции за користење и употреба на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност како и поттикнување иновации во истите, со што ќе се придонесе до намалување на емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот.

Всушност, преку ОН треба да се обезбедат дел од финансиите за овој проект, кој во глобална конкуренција од 155 предлози, веќе успеа да влезе меѓу најдобрите 12 предлози на меѓународно ниво, при што од овој заеднички фонд на ОН ќе се обезбедат средства за најдобрите четири проекти.

Инаку, македонската влада веќе ја усвои првата Долгорочна стратегија за климатска акција на земјава, со која се дефинира придонесот на државата кон глобалните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови. Долгорочната цел на Северна Македонија е намалување на националните нето емисии на стакленички гасови, без вклучени емисии од авијација и увоз на електрична енергија, за 72 отсто до 2050 година во споредба со нивото од 1990 година.