За зелена транзиција, Битола бара инвестиции во индустриски зони, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија

Средствата од Климатскиот фонд ќе се наменат за инвестиции во обновливи извори, во преносната електроенергетска мрежа со цел да се обезбеди доволен преносен капацитет, во капацитети за складирање на енергијата, промовирање на енергетската ефикасност, чиста топлинска енергија, економска регенерација, како и праведна транзиција за вработените

Извор на фотографија: АД ЕСМ

Општината Битола, една од двете најзасегнати општини во земјата од нечистото производство на енергија, подготвила пет конкретни проекти за зелена енергетска транзиција. Регионот во кој работи енергетскиот капацитет на јаглен РЕК Битола, е еден од приоритетните кој треба да добие средства за проекти преку Климатскиот фонд во кој за земјава има обезбедено 85 милиони долари. Општината предлага реконструирање на индустриската зона Жабени, старата индустриска зона и индустриската зона кон Пелистер и набавка на шест електрични автобуси. Меѓу приоритетите ги наведува и инвестициите во енергетска ефикасност на јавните згради и обезбедувањето субвенции за граѓаните за енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, како и изградба на канализација и пречистителни станици на селата од Потпелистерието и хотелот Молика. Еден од приоритетите е и изградбата на фотоволтаична централа за потребите на идната пречистителната станица во Битола.

„Освен предлагањето проекти, општина Битола постапи и според дадениот патоказ за праведна транзиција и неговата организациска структура, организирајќи форуми за сите засегнати страни. Според изработената Програма за енергетска ефикасност 2024-2026 се работи на подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти на општината, односно на училиштата, градинките, јавните претпријатија и установи итн. Имаме и подготвени проекти кои чекаат на изведба и реализација“, посочуваат од Општината.

Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат дека средствата од фондот ќе се наменат за инвестиции во обновливи извори, во преносната електроенергетска мрежа со цел да се обезбеди доволен преносен капацитет, во капацитети за складирање на енергијата, промовирање на енергетската ефикасност, чиста топлинска енергија, економска регенерација, како и праведна транзиција за вработените и останатите засегнати страни.

„Во моментот, активно се работи на Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен, кој предвидува ревитализација на општински индустриски зони и привлекување зелени инвестиции. Дополнително, се работи активно на развивање на конкретни програми за доквалификација и преквалификација на вработените во дел од производните капацитети. Според инвестицискиот план, предвидено е да се понудат поголем фонд на поволни заеми за фирмите, како и да се понудат грантови за помалку комерцијални проекти. Прецизирање на сумите кои ќе бидат достапни за овие активности очекуваме во наредниот период“, посочуваат од Министерството.

Од таму сметаат дека енергетската транзиција всушност ќе отвори многу повеќе можности и просперитет за општините. Една од целите е најзасегнатите региони во овој процес на трансформација да прераснат во хабови за иновативност.

„Министерството активно работи во партнерство со меѓународните финансиски институции како ЕБОР, Светска Банка, Европска Инвестициска Банка, ИФЦ на Платформа за праведна енергетска транзиција, во чии рамки, инвестициите всушност ќе бидат приоритетни и според тоа колку придонесуваат кон економската благосостојба и отварање на нови можности во засегнатите региони. Платформата има намера да ја олесни брзата и ниско-јаглеродна енергетска транзиција на земјата, во согласност со прифатените климатски и развојни цели. Потребите за финансирање на Платформата се проценуваат на околу три милијарди евра. Нејзина цел е да се мобилизираат финансии и ресурси, вклучително и во грантови и концесиски заеми“, велат од Министерството за енергетика.

Од Општината Битола велат дека до крајот на оваа година се очекува 10 основни и средни училишта, вклучувајќи и училишта во руралните средини, да добијат фотонапонски електрични централи на покривите. Се работи и на меѓународни (ИПА) и локални проекти за подобрување на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, подобрување на состојбата со јавниот превоз, заштитата на животната средина итн.

Ана Чоловиќ, извршна директорка на „Еко свест“, вели дека тие веќе една година работат на терен со локалните заедници кои се најзасегнати од употребата на јагленот како фосилно гориво и кои се први во редот со потреба од вистинска транзиција кон чиста и зелена енергија. Во овој период во Општината Битола биле организирани форуми на граѓани од каде се разгледувани сите граѓански предлози кои треба да продонесат за одржлива иднина.

„Нашата цел е да ја видиме визијата на граѓаните и локалните чинители каква сакаат да биде нивната општина и во кој правец треба да се развива. Од средбите произлегоа многу идеи и планови за проекти кои општината ги претвори во конкретни предлози“, вели Чоловиќ.