
Европската комисија кон средината на јули годинава ја објави најновата Стратегија за шуми во Европската Унија (ЕУ) до 2030 година, со која планира во наредните две децении на нејзината територија да се засадат 3 милијарди нови дрвја. Токму дрвјата се главниот апсорбирач на штетниот јаглерод диоксид, преку процесот на фотосинтеза, а со тоа директно придонесуваат да се намалат климатските промени.
Во објавениот стратешки документ на ЕУ се вели дека во моментов процентот на пошумени површини и шуми изнесува 43,5 отсто од целокупната површина на сите земји-членки, а токму дрвјата се круцијален фактор за одржување на здравјето на жителите на ЕУ.
„Шумите се природен сојузник во адаптацијата и борбата против климатските промени и ќе играат клучна улога во претворањето на Европа во првиот климатски неутрален континент до 2050 година“, се наведува во Стратегијата за шуми на Европската Унија.
Во документот се додава дека засадувањето нови дрвја ќе помогне да се оствари планираното намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина од најмалку 55 отсто во 2030 година. Амбициозниот план на ЕУ е со помош на постојното шумско богатство и засадувањето нови дрвја, заедно со другите планирани мерки, да се оствари зацртаната цел – намалување за 310 милиони тони на јаглерод диоксидот што се испушта во атмосферата.
Емисиите на стакленички гасови придонесуваат за зголемување на просечните температури на воздухот, што доведува пак до сушни периоди, временски непогоди и огромни штети што се мерат во човечки жртви и финански загуби. За разлика од другите сектори (индустриски процеси, енергетика, земјоделство и отпад), единствено шумарството е сектор, којшто ако не се уништуваат шумите, придонесува да се намалат вкупните емисии на јаглерод диоксид во атмосферата.