Втората сезона на играта „Диабло 4“ со катастрофален почеток

Пред неколку дена, „Близард“ најпрво објави видео со најава за тоа што сè е сменето во играта и што сè може да се очекува како поправени работи од претходните верзии

Diablo 4 screenshot Lichna Arhiva na Ivan Stojanovski se koristi so dozvola
Фото: Диабло 4 / принтскрин

Долгоочекуваната втора сезона со вампирска тематика на играта „Диабло 4“ до сега има катастрофален почеток и прием кај гејмерите, па како резултат на тоа, играта е сега во полоша состојба од претходно.

Пред неколку дена, „Близард“ најпрво објави видео со најава за тоа што сè е сменето во играта и што сè може да се очекува како поправени работи од претходните верзии. Но, во самото видео тие покажаа дека не знаат основна математика во најобична пресметка на процентите.

Втората грешка што ја направија со видеото за „Диабло 4“ е дизајнот на “новите мапи”. Иако претставија нова брзина на трчање на коњите што ги јавате во играта на слајдот со новата и старата мапа, на двете паралелни видеа не може да се примети разлика во брзината.

Штом јутјуберите и играчите на Твич почнаа сето ова да го потенцираат, ваквата реакција наиде на голем фактор на исмевање од гледачите и стримерите. Потоа,  „Близард“ го тргна целосно видеото со презентацијата, но како за инает, стримерите почнаа да го репостираат со нивни коментари уште повеќе. По продолжение погледнете го видео сублиматот на сето она што се случуваше околу најавите од каналот на Јутјуб MrLamaSC: 

Но, тоа не е сè. Самиот почеток на втората сезона беше одложен, иако имаше доста луѓе што се спремаа да рушат рекорди во левелирање и пуштањето на апдејтот Live со неопределено време. Како дополнение на сето ова, штом апдејтот беше пуштен, резултираше со неможност да се завршат веќе комплетираните квестови од новата сезона и да се прогресира на следниот чекор од приказната во сезоната, како и голем број на дисконектови за време на борбата со првиот поглавен бос. Сето ова направи уште повеќе фрустрации кај играчите. 

Но и покрај сè, има уште слабости на втората сезона од „Диабло 4“. Главната најфрустричка грешка е во програмирањето, кое ги обесправи играчите кои ја купиле најскапата варијанта за Premium Battle Pass за втората сезона што чини 25 евра. Тие  со оваа верзија требаше да добијат скокање на првите 20 тирови на козметички ајтеми и да ги клејмуваат веднаш. Сепак, иако ги имаа обележано ајтемите како нивни, не можеа да ги добијат односно да им направат claim и да им се сметаат како отклучени козметички ајтеми на акаунтот.

Иако „Близард“ ветија дека работат на случајот сето ова да го поправат, голем дел од заедницата на играчи посветени на „Диабло“ буквално изгубија интерес за новата сезона затоа што им се смачи од катастрофалниот старт на играта и категорично ја одбиваат понудата за втората сезона. Тие не ни планираат да трошат веќе пари на оваа, како што ја викаат, “расипана игра”. 

Од друга страна, има и играчи што велат дека ниедна игра на „Близард“ досега на самиот старт не била без проблеми. Тие ја бранат играта „Диабло 4“ и продолжуваат да ја играат и покрај моменталните пречки. Играта и понатаму добро функционира на „Eternal Realms“ со несезонските ликови, каде можете да ја играте базичната содржина. Сепак, за втората сезона допрва се чека да се види конечниот исход.