(Вознемирувачка содржина) Угинати животни скапуваат во напуштена касарна во Битола

Фото: Леонардо Соколов, Фејсбук

Младиот активист за правата на животните од Битола, Леонрадо Соколов, вели дека деновиве почувствувал неподнослив мирис на угинати животни кога поминувал близу поранешната касарна во градот. Тој открил дека во напуштениот објект на локацијата која битолчани ја нарекуваат „под авионот“ има многу одрани животни кои скапуваат.

„Случајно во потрага по едно куче налетав на напуштен објект во кој влегов бидејќи таму беше кучето. Во визбата на објектот имаше некој вид на базени, има околу 20 базени и доаѓаше чудна миризба од нив“, вели Соколов за Мета.

Тој додава дека кога погледнал внатре наидол на ужасна глетка. Во „базените“ имало поголем број угинати животни.

„Глетката беше ужасна а и помислата на тоа дека бидејќи базените се правени водоотпорни, животните не можат да се искачат за да избегаат“, додаде тој.

Фото: Лична архива | Леонардо Соколов

Соколов смета дека некој ги злоупотребува животните заради крзното и скршените прозорци на напуштениот објектот всушност се користат како стапица за животните да може да влезат во објектот и во „базените“ но не можат да излезат.

Од општина Битола за Мета изјавија дека ваквите проблеми, како и сите општински проблеми треба граѓаните да ги пријавуваат на веб-страницата на општината и да наведат точна локација по што надлежните инспекции во период околу два дена излегуваат на терен.