fbpx

Во време на војна на европско тло, системот за тревожење во земјава не е функционален

Сирени за предупредување постојат и во Северна Македонија ги има околу 200, но голема е веројатноста, во случај на опасност, истите да не бидат вклучени. Во време кога на европска територија - во Украина, се води војна, во земјава сирените за тревога не работат.

-

Системот за известување и тревожење во државата не е функционален. Нема сознанија кога сирените за тревога последен пат биле вклучени, а според одговорните лица, тоа се случило пред повеќе од 20 години, се вели во Извештајот на Државниот завод за ревизија објавен во декември. Необезбедените услови за рано предупредување и идентификување на опасностите по безбедноста на граѓаните влијаат врз навременото известување на учесниците во системот за управување со кризи, со што непосредно се загрозува животот и здравјето на луѓето, животните и целокупната животна средина.

Снимките од Украина на кои се гледа и слуша како сирените за тревога одекнуваат од далечина најавувајќи ја опасноста од гранати и ракети кога Русија ја започна својата агресија врз земјата, го заобиколија светот. Ваков систем за тревожење користат многу земји, но не само за најава на ризик од воен напад, туку за да предупредат на каква било опасност по здравјето и безбедноста на луѓето или другите живи суштества.

Во Северна Македонија сирени за предупредување постојат, ги има околу 200, но голема е веројатноста, во случај на опасност, истите да не бидат вклучени.

Во време кога на европска територија – во Украина, се води војна, во земјава сирените за тревога не работат.

При испитувањето на системот за превенција и заштита од пожари, ревизорите откриле дека Уредбата за знаците за тревожење не е применлива, бидејќи системот за тревожење кој бил воспоставен во 1980 година преку монтирани сирени низ целата територија на државата, сега не е функционален.

За навремено известување на учесниците во системот за управување со кризи и на населението, законските одредби предвидуваат Центарот за управување со кризи (ЦУК), како надлежен орган, да организира систем за известување и тревожење.

Во 2018 година Владата ја донела Уредбата за знаците за тревожење, начинот и процедурите за тревожење, која ги дефинирала знаците за тревога како сигнали со кои се известува и тревожи населението преку инсталирани сирени. Овие знаци се единствени за целата територија на државата.

Според Законот, за процедурите и начинот на користење на сирените одлучува директорот на ЦУК, а одлуката за извршување на тревожење се носи врз основа на процена од постоење на ризик.

„Со ревизијата констатиравме дека Уредбата е донесена во 2018 година, но истата не е применлива, од причина што системот за известување и тревожење, којшто датира од 1980 година не е функционален. Овој систем во минатото e воспоставен преку монтирани сирени низ целата територија на државата и преку акустична студија било предвидено да се покријат сите населени места. Одговорните лица информираа дека последните набавки на сирени биле во 90-тите години и преку истите по далечински пат можело да се пренесе говор“, се вели во Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност „Систем за управување со кризи и заштита од пожари“.

Сирените последен пат биле тестирани пред расформирањето на СФРЈ

Според процената на одговорните од ЦУК, во исправна состојба се околу 80 отсто од сирените, но поради новите комуникациски технологии и ограничените можности за далечинско управување, сирените не функционираат, освен со поединечно вклучување на конкретна сирена. Тоа значи дека сирените може да се вклучуваат само од лице-место, но не и преку централен далечински систем.

Уредбата од 2018 година предвидува ЦУК како надлежен орган да врши редовни контроли, проверки и тестови на сирените од единствениот систем за тревожење. Меѓутоа, не се знае кога точно последен пат сирените биле вклучени, а надлежните се присеќаваат дека тоа се случило пред повеќе од дваесет години.

„До раните 90-ти години на 20 век, еднаш неделно се правеше проба на исправноста на системот. Но, заради еден психолошки момент би рекле – заради вознемирувања на граѓаните ранливи од војните на просторите на поранешната СФРЈ, пробите престанаа да се вршат. Последователно на изминувањето на времето, персоналот којшто тоа го вршеше веќе не работи во ЦУК, заради пензионирања и одлив по други основи“, велат од Центарот за управување со кризи за Мета.мк.

Од осамостојувањето на државата, а и во периодот на минатиот општествен систем кога се живеело во рамки на поголемата заедничка држава на југословенски републики, делови на системот за тревожење постепено станувале нефункционални и згаснувале.

„Конкретно со менувањето на преносот на комуникациите на „Телокомот“ во градовите „од бакар на оптика“, еден по еден, во првата декада на 21 век, командните системи за далечинско вклучување на сирените застаруваа и стануваа нефункционални. Дел од сирените беа поставени на крововите на претпријатијата коишто во меѓувреме се ликвидирани, па така тие сирени се надвор од функција. Денес, може да констатираме дека целосно е нефункционален делот за далечинско вклучување на сирените, а постојните сирени би можеле да се вклучуваат само од лице-место на нивното поставување“, велат од ЦУК.

Од ЦУК појаснуваат дека системот е граден во 70-тите и 80-тите години на минатиот век, според потребите и можностите на тој период со потребните акустични студии, тогашната распространетост на градовите и карактеристиките на градбите за живеење и работа.

„Денес, само по себе, тој систем како што бил димензиониран и направен не би бил во состојба да одговори на задачите (градовите се проширени, прозорците се со друга акустика и слични физички и технички работи во опкружувањето на луѓето)“, појаснуваат од Центарот за управување со кризи.

Од таму додаваат дека сега е потребно осовременување со нови оптички командни системи или алтернативно со радио системи или друг начин на виртуелни мрежи. Но, во моментов, средства за нов и современ систем нема.

„Пред две години, од страна на постојниот раководен тим на чело со директорот Стојанче Ангелов, беше транспарентно запознаена Владата и јавноста со потребата од целосно осовременување на Системот за тревожење, но за истиот засега нема финансиски средства. Центарот за управување со кризи, неодминливо, стратешки и транспарентно ги следи современите текови за тревожење на населението при опасности, имајќи предвид дека и тој надограден и нов Систем за тревожење би можел да се инкорпорира со Европскиот број за итни повици Е-112“, велат од ЦУК.

Додека се чека нов систем, за опасност ќе предупредуваат медиумите и „одговорните чинители во општеството“

На прашањето во услови на нефункционирање на системот за тревожење, како би се предупредило населението во случај на опасности, од ЦУК одговараат дека тревожењето е само еден од начините за рано предупредување.

„Кај нас има Систем за рано откривање пожари на отворен простор и е целосно функционален, а функционира на платформа преку интернет на сличен начин како и системот на Европската Унија. Следен начин на рано предупредување што постојано се практикува во нашата држава е начинот со постојана размена на податоци и најави за определени природни опасности на определен простор и време што се остварува заедно со и преку медиумите, како одговорни чинители во општеството“, велат од ЦУК.

Во Уредбата, во случај на итност и наидување на ризик, се предвидува емитување на знак за опасност преку сирените за тревожење, но бидејќи тие не функционираат, граѓаните би добиле телефонски повик или порака на мобилните телефони, по што треба да ги вклучат радио и телевизиските уреди и да очекуваат соопштение и препораки од ЦУК.

„Радијата, телевизиите, дневните весници, електронските медиуми (портали) и операторите на јавните електронски комуникациски мрежи и услуги на барање на Центарот, соопштенијата или препораките во случај на ризик и непосредно наидување на опасност по добрата, здравјето и животот на населението предизвикани од елементарни-природни непогоди, техничко-технолошки катастрофи или индустриски несреќи или непосредно загрозување на безбедноста, независноста и суверенитетот на Република Македонија ги објавуваат согласно нивните технички можности“, се вели во членот 21 од Уредбата за знаците за тревожење.

Знаци за тревожење / извадок од Уредбата за знаците за тревожење, начинот и процедурите за тревожење и постапките на населението

Инаку, според Националната платформа за намалување на ризици од катастрофи, по која е изготвен и Акциски план за периодот 2022 – 2024 година, неопходна е обнова на целокупниот систем за тревожење, негова функционалност и модернизација, со вклучување на современи методи на комуникација преку користење на телефони, интернет и социјалните мрежи.

Според првичната проценка на ЦУК, вредноста на оваа активност би изнесувала околу 25 милиони денари, или, според ревизорите, средства кои би претставувале повеќе од 12 отсто од расположливите финансиски средства на институцијата.

Меѓутоа, не се знае кога системот за тревожење би бил модернизиран.

„Во зависност од динамиката на имплементацијата на проектот за надградба на Европскиот број за итни повици Е-112 (втора и трета фаза) ќе има можности и за изградба на целосно нов систем за тревожење. Бидејќи станува збор за комплексен приод со утврдување на новите потреби (неколку студии – акустични студии, студии според ризици и слично поврзано со темава), можности за тревожење, потребната современа техника и обучен и персонал, неодминливо но искрено би можеле да одговориме дека секој термин за краен датум би бил во овој момент произволен“, заклучуваат од Центарот за управување со кризи.

Мета.мк контактираше повеќе универзитетски професори – експерти по безбедност и цивилна одбрана и заштита, познавачи на менаџирањето со кризи, но ниту еден од нив не сакаше да го искоментира нефункционирањето на сирените за тревожење.

Во меѓувреме, ревизорите предупредуваат дека необезбедените услови за рано предупредување, следење на состојбата, идентификување на појавите и процесите кои се ризици и опасности по безбедноста на граѓаните, влијае врз навременото известување на учесниците во системот за управување со кризи и на населението, посебно во случаи кога ризиците и опасностите се од поголеми размери, со што непосредно се загрозува животот и здравјето на луѓето, животните и целокупната животна средина.

Северна Македонија е најбезбедна од земјите на Западен Балкан, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во ноември. Според Глобалниот индекс на мир, минатата година сме биле во друштвото на 36 најбезбедни држави во светот.

И додека воздушен, терористички или нуклеарен напад се помалку веројатни, елементарните – природни непогоди и други несреќи се непредвидливи, додека ризикот од нивна појава е секогаш присутен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЕУ воведе санкции кон Русија поради смртта на Навални

Вчера Европската Унија одговори на смртта на рускиот опозиционер Алексеј Навални со нови санкции, јавува ДПА повикувајќи се на дипломатски извори. Санкциите претходно ги најави шефицата на германската дипломатија Аналена...