Во рамки на проектот „Учиме право“, 20-тина млади луѓе го посетија кабинетот на Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски на средба со младите / Фото: Кабинет на претседателот

Дваесетина средношколци од неколку градови во земјава денеска го посетија Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија. Средбата со претседателот Стево Пендаровски е во рамки на проектот „Учиме право“ (Street Law) на Младинскиот образовен форум, преку кој младите се едуцираат за човековите, граѓанските и политичките слободи и права, демократијата и концептот на владеење на правото, Европската Унија и процесот на евроинтеграција на нашата земја.

На средбата со претседателот Пендаровски, младите имаа можност одблизу да се запознаат со работата и со историјатот на Кабинетот на Претседателот на државата, како и да влезат во дел од работните простории во Вила Водно.

Во разговор со средношколците, претседателот Пендаровски ги информираше за своите уставни и надлежностите во надворешната политика, во секторите одбрана и безбедност, за обврските како Врховен командант на вооружените сили, како и за политичката функција на институцијата Претседател.

„Институцијата Претседател треба да претставува мост меѓу различните политички интереси во нашата земја. Мојот Кабинет е отворен за сите политичари, без разлика дали се на власт или во опозиција“, рече претседателот Пендаровски во разговорот со младите.

Истовремено, тој им порача да бидат будни и гласно и неуморно да се борат за своите права. Бидејќи, како што додаде, ниту една држава не може да напредува, ако од животот во неа се задоволни само возрасните.