Во новата епизода на „Шорткат“ ги разоткриваме дезинформациите околу војната во Украина

Најраспространетите митови и дезинформации што изминатава година ја следеа руската агресија врз Украина се главна тема во новата епизода од „Зошто (не) е така“, а од која дел ќе емитуваме во вечерашното, 74-то по ред издание на вестите за млади „Шорткат“. За митовите и дезинформациите за војната во Украина зборуваат новинарки и познавачи на темата.

Во новата епизода на „Шорткат“ информираме и за случајот кој изминативе неколку денови ја разбранува јавноста – подкастот на еден познат јутјубер во кој се исмева насилство врз жените.

На тема аерозагадување, информираме за најновите мерења на квалитетот на воздухот во Скопје и за тоа како Центар опасно му се доближува на рекордерот во загадување на воздухот – Лисиче.

Информираме и за Демиркаписката Клисура која повеќе од шест децении е споменик на природата, а за цело ова време не ужива никаква заштита.

Од светот на интернетот и технологијата, носиме вест за новите закони во ЕУ што ќе ги засегнат најголемите социјални мрежи, а ќе видиме и како помина дебатата за млади „Има ли разбирачка со чет-ботови?“ што вчеравечер се одржа во Скопје во организација на Фондацијата Метаморфозис.

Новите вести за млади ќе бидат објавени вечерва во 19:00 часот на сите наши канали на социјалните мрежи.