Фото: Арбнора Мемети

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 860 и има околу 370 празни болнички кревети во ковид центрите, соопшти Министерството за здравство, според податоците добиени во изминатите 24 часа.

Во болниците низ земјава се лекуваат 517 пациенти. Од Министерството за здравство информираат дека бројките за хоспитализирани лица во ковид центрите се менуваат од час во час.

Во последното деноноќие во ковид центрите во Скопје се примени на болничко лекување 17 нови пациенти, а вкупно 343 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, на интерните клиники имало еден прием. Во ГОБ „8 Септември“ исто така бил примен еден примен пациент, а 13 на Инфективната клиника и 2 пациенти во детската клиника Козле. Дома се пуштени 3 оздравени пациенти.

Во моментов на Кожната клиника се лекуваат 29 пациенти, на Клиниката за неврологија 37 болни, а на Институтот за ТБЦ вкупно 54 пациент со симптоми на корона вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 80 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 111 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 26 пациенти. На ГАК се хоспитализирани 6 ковид позитивни пациентки.

Утрово до 8 часот имало 30 слободни места, а се очекува во тек на денот да се ослободат и дополнителни места. Отворена е и модуларната болница во склоп на Инфективната клиника со дополнителен број кревети, а сите инфективни одделенија имаат довод на кислород.