Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 595 и има околу 450 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерството за здравство и додаваат дека бројките се менуваат од час во час, зависно од приеми и исписи на болни.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат 343 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

Вкупно 252 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од пациентите се на кислородна поддршка.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 11 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во последното деноноќие, на интерните клиники имало 2 приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 3 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника 6 во текот на вчерашниот ден.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 16 оздравени пациенти.

Бројот на приеми во изминативе денови е стабилен и утрово до 8 часот имало 114 слободни места.