Трагично за државата е што СДС на своите први седници на Влада наместо да донесе одлука за зголемување плати и пензии, зголемување на субвенции, мерки и проекти за отворање нови работни места или донесување нови инвестиции, носи одлука за разрешување на републичкиот јавен обвинител, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на иницијативата на Владата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски.

„Заев е исплашен од кривичната одговорност и се надева дека преку најавите за смени на јавниот обвинител и за реизборот на судии ќе ги исплаши тие што треба да ја разгледуваат неговата вина. Граѓаните видоа и слушнаа како самиот Заев, барајќи мито од струмичкиот бизнисмен, кој е оштетен во случајот „Поткуп“, вели дека мито за потпишување решение за легализација е стандардна практика во неговата општина и дека сите така си плаќале“, се вели во реакцијата.

Од партијата наведуваат дека Заев со своите постапки покажува дека највисок приоритет му е да се спаси од кривичен прогон, а ветувањата кон граѓаните се од второстепено значење.

„Граѓаните од СДС очекуваат 500 километри нови автопатишта, работниците очекуваат минимална плата од 16.000 денари и просечна плата од 30.000 денари, а лекарите плата од 100.000 денари, кои СДС им ги вети, а не уривање и бегање од одговорност за сторениот криминал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.