fbpx

Владата се поднови со 45 „Шкода суперб“ за 2,2 милиони евра

Праксата за набавка на службени возила на лизинг започна уште во 2012 година и покрај критиките дека цената за изнајмување на скапите возила на период од 3 години е речиси идентична со нивната вредност да се купат и да се возат подолг период, со оглед на тоа што се нови

-

Склучен е договор меѓу Службата за општи и заеднички работи на Владата и Порше Лизинг ДООЕЛ Скопје за набавка на 45 моторни возила по пат на оперативен лизинг со времетраење од 36 месеци, покажува договорот објавен на веб-страницата за јавни набавки.

Тој бил склучен на 30 април годинава, а вкупната вредност на договорот изнесува над 139 милиони денари или 2,2 милиони евра. Месечната рата за едно возило ќе биде 1.400 евра. Станува збор за возила „Шкода суперб“ – Skoda New Superb Colection 2.0 TDI, а цената на едно возило изнесува околу 50.000 евра. Предвидена е километража од 120.000 километри за тригодишниот период по возило.

Цената за изминат километар после договорените 120.000 километри за 36 месеци по возило ќе изнесува 7,50 денари со вклучен ДДВ по изминат километар.

Со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ и ДУИ изгуби на парламентарните избори, возилата ќе останат во наследство на новата Влада која ќе ја составува ВМРО-ДПМНЕ.

Огласот за возилата беше распишан во март годинава, а вицепремиерот Фатмир Битиќи тогаш изјави дека нема ништо спорно што возилата се набавуваат во изборен процес ниту пак зошто повторно СОЗР се одлучил на оперативен лизинг, наместо да купува возила.

„Треба да ги прашате во Службата за општи и заеднички работи, тие одлучуваат што е најбезбедно за да се превезуваат функционерите. Од моето искуство надвор од политиката, оперативниот лизинг е во цел свет најупотребуваниот механизам за службени возила затоа што долгорочно трошоците за одржување се многу помали. Во ЕУ службените возила се преку оперативен лизинг. Возилата ќе се набават во ноември, бидејќи ова е активност во редовен план за набавки, тоа е во програмата на Владата, независно од изборниот процес. СОЗР распишува набавка во одреден момент кога ќе се достигне планираната километража“, изјави тогаш Битиќи.

Ниту техничкиот премиер Талат Џафери не гледаше ништо спорно во владината предизборна набавка на нови автомобили.

„За периодот на лизингот колку што трае или за време или за километража, гаранцијата и одржувањето е давателот на услугата, а не на побарувачот, и од тој контекст пет години ако останат возилата во институцијата одржувањето би било поскапо од тоа да се направи механичка замена на возилото според условите во договорот“, рече Џафери.

Владата и пред три години набави 45 возила „шкода суперб“, а цената на едно возило изнесуваше околу 40 илјади евра.

Пракса за набавка на службени возила на лизинг започна во 2012 година и покрај критиките во јавноста дека цената за изнајмување на скапи возила на период од 3 години е речиси идентична со нивната вредност да се купат и да се возат подолг период, со оглед на тоа што се нови. Во 2012 година Владата предводена од премиерот Никола Груевски беа набавени 30 возила за кои биле платени 860 илјади евра, или 28 илјади евра по возило. Втората набавка е во 2015 година повторно од влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кога беа набавени 40 возила „Пасат“ на лизинг, а едно возило чинеше 40 илјади евра. Потоа, владата на СДСМ ја продолжи праксата и набави 45 „Фолсфаген Пасат“ за кои беа платени 1,8 милиони евра.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Венко Филипче е нов лидер на СДСМ

Поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче победи на внатрепартиските избори за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Денешното гласање се спроведе во 77 избирачки места, а...