Македонската влада се подготвува за влез на приватен капитал во железничкиот сектор. Избрана е консултантска куќа која што до крајот на 2019 година ќе ги определи моделите за преструктурирање на Железници на Република Северна Македонија – Транспорт, по што ќе се избере најсоодветниот начин за либерализација на железничкиот сектор во земјава.

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета“ велат дека националниот транспортен оператор мора да ја дозаврши реформата за поделба на приходите и расходите помеѓу патничкиот и товарниот железнички сообраќај, но и одржувањето на возните средства. Консултантските услуги ќе резултираат со изработка на студија, која што ќе го отвори патот за бизнис сегментација во компанијата.

– Студијата треба да понуди неколку модели на преструктурирање и секако Владата и Министерството ќе го одберат најдобриот модел – нагласуваат од ова министерство.

Нашата земја е една од ретките европски земји во која не е влезен приватен капитал во железничкиот сектор, што негативно влијае на обемот на превезена стока и патници. Балканските земји одбраа различни методи за реформирање на железничкиот сектор. Во Грција беше приватизирана некогашната железничка компанија TrainOSE, која беше купена од италијанската државна железница Ferrovie dello Stato Italiane. Воедно, во оваа земја – членка на Европската Унија веќе има други приватни оператори што превезуваат товар на грчките пруги, а слична е ситуацијата и во Србија, Бугарија, Хрватска и Романија.

Од Железници на Република Северна Македонија – Транспорт за „Мета“ велат мора да се направат организациони промени во самата компанија, по што би се овозможил влез на приватни оператори на пругите.

– Што се однесува на либерализацијата на железничкиот сообраќај, во моментов не сме спремни за либерализирање на пазарот – посочуваат од државната железничка компанија.

Во однос на нивна приватизација, од Железници бараат најпрво исполнување на технички и организациски услови пред да се изврши сегментација на компанијата или евентуално продавање.

Од Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор потенцираат дека влезот на приватен капитал ќе придонесе за развој на железницата.

– Либерализацијата на пазарот на железничките услуги е процес кој ќе изврши придвижување на состојбата на пазарот на железничките услуги и ќе придонесе за подобрување на квалитетот – посочуваат од оваа агенција.

И професорот Зоран Кракутовски од Градежниот факултет при УКИМ нагласува дека либерализација во делот на железничкиот транспорт треба да се воведе. Но, посочува тој, никако не смее да се пристапи брзоплето и без добро испланиран процес.

– Треба да се проучи приод кој би бил комбиниран – вели професорот Кракутовски, дополнувајќи дека влезот на приватен капитал во Железници на Република Северна Македонија – Транспорт треба да го следи и влегувањето на приватни оператори на пазарот.

Во Северна Македонија имаше два обида за влез на приватни оператори на пругите во 2010 и 2012 година. Нивните барања тогаш беа одбиени, по што во Законот за железнички систем се наведе дека земјава ќе има обврска да овозможи либерализација на пазарот откако ќе стане земја – членка на ЕУ. Железницата во изминативе неколку години се соочи со опаѓање на превезениот товар и патници, самата инфраструктура во земјава е недоволно искористена, што пак води кон трупање на долгови во работењето на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура.