Фото: klimkin from Pixabay

Жилава или килава борба против корупцијата. Владата неколку години ветува набавка на софтвер во ДКСК, но, тој до денес не е набавен. Недостасува и вмрежувањето со базите на 23 институции од каде може да се користат податоци и документи. Покрај тоа, Комисијата функционира со половина од предвидените кадри, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Зголемени надлежности, намалени ресурси. Ова е реалноста со која се соочува Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Иако борбата против корупцијата бара волја, обучени кадри и ресурси, во ДКСК се чини дека има само волја. Другите елементи недостасуваат.

Нури Бајрами, член на ДКСК, смета дека по систематизација им требаат 60 вработени, но имаат многу помалку.

Затекнавме 20 вработени во Комисијата. Од тие само 9 беа наша подршка, другите беа технички лица, архива и други места што секој орган ги има. Во 2019 година вработивме 4 преку јавен оглас, во 2020 заради пандемијата не добивме ниту еден вработен. Во 2021 се спроведе оглас за 8 работни места, од кои 7 се пополнети, а за едно место не се пријави ниту еден кандидат. Годинава, исто така, добивме и 4 вработени со преземање од другите институции. Сега имаме 34 вработени. Недостасуваат уште 26, потенцира Бајрами.

Тој додава дека има многу недоречености во нашиот закон, премногу надлежности, премалку луѓе, и уште помалку стручни луѓе по однос на природата на работите и наодите од пријавите.

На иста линија со Бајрами е и поранешниот член на Антикорупциска комисија, Ариф Муса.

Ако се земе предвид дека навистина нема човечки ресурси, тогаш тоа е хендикеп во извршувањето на надлежностите на Комисијата. Во вториот мандат на Антикорупциската комисија немавме надлежност да вршиме проценка на ризик од корупција на законите пред да се донесат. Државната комисија за спречување на корупцијата со вакви надлежности не може да се бори против корупцијата. Колку и да им даваме персонал. Таа може само како превентива да влијае врз општеството, смета Муса.

Дека има премногу надлежности во однос на ресурси се согласува и универзитетскиот професор Гордан Калајџиев.

На Државната комисија за спречување на корупцијата ѝ дадоа премногу голем залак. Мислам дека таа е ефикасна само за највисоките позиции изложени на корупција во целиот систем. Имаат премногу компетенции на премногу нивоа“, вели Калајџиев.

Без софтвер и вмрежување нема резултати

Државата на ДКСК требаше да ѝ обезбеди сретства за набавка на софтвер за он-лајн пријава на имотната состојба на функционерите. Покрај ова, недостасува и софтверот за вмрежување со 23 други институции од каде дирекно ќе црпат податоци од нивните бази.

Околу 1 милион евра чини софтверот за електронска пријава. Требаше Владата да го обезбеди овие сретства, но досега не се обезбедени. Се плашам дека ќе ни помине мандатот и ќе останеме по стариот начин на пријава на имотната состојба, што е противзаконски. Заради недостатокот на ресурси и ние доцниме со извршување на тие надлежности, вели Бајрами.

Тој додава дека во последниот пакет на проверка 713 функционери не поднеле имотни листови. Оваа проверка ја вршеле рачно и им одзело многу време и човечки ресурси.

За Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк-Центар за Европски стратегии, ова го покажува односот на државата кон борбата против корупцијата.

Без соодветен софтвер и вмрежување, во многу се отежнува работењето на ДКСК. Комисијата не може да биде сеопфатна во извршувањето на своите надлежности. Мора да прават приоритизација на предметите, што другите предмети им заостануваат и застаруваат, смета Николовски.

Тој додава дека ДКСК има волја да даде резултати, но многу ја кочи недостатокот на ресурси.

Покрај софтверските решенија, од ДКСК имаат мака и со останатите надлежности.

„Имаме надлежност за антикорупциска проверка на регулативата и општите акти. Тоа е многу важно, поминуваат закони со многу слабости и недоречености. Регулативата е многу обемна. Во моментов таму имаме двајца луѓе, по преземање чекаме уште 1. Јас сметам дека, со оглед на обемноста, треба да имаме цел сектор за оваа проблематика. Бидејќи без луѓе, ние ќе се претвориме во кочничари на законите, вели Бајрами.

Тој додава дека со овие луѓе, без воспоставен интероперабилен систем на размена на податоци, не можат да функционираат. Напливот на пријави е голем, и не се само пријавите. Имаме предмети по службена должност, по допрен глас, има проверка на имотна состојба по службена должност, по годишен план. На мака сме вистински да утврдиме наводи и да го следиме целосно тоа што се случува по однос на извршување на тоа што ни се надлежности, додава Бајрами.

Во последниот извештај за напредокот на С. Македонија кон ЕУ, стои:

На Државната комисија ѝ беа доделени нови простории. Меѓутоа, напорите за подобрување на нејзиното функционирање треба да продолжат, особено со доделување дополнителни средства за вработување стручен кадар.

Со новите простории се создадоа услови да се инсталира хардверска опрема, донација од Европската Унија, која заради нессодветни просторни услови, со години стоеше неинсталирана во ДКСК, пишува „Вистиномер“.