fbpx

Вистиномер: Старите сметки ги одраа граѓаните, се офајдија адвокатите и нотарите

-

Ана Глигорова од „Стоп за грабежот“ ја поздравува одлуката на Владата да се намалат тарифниците за нотарите и извршителите, но посочува дека сега адвокатите неколкукратно ги зголемиле тарифниците. Ако сега на пример, за услугата на нотарот некој должник, кој има неплатена сметка за режиски трошоци, треба да плати 2.600 денари, за адвокатската услуга треба да одвои 5.200 денари, посочува Глигорова, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Македонските граѓани во последните години сè почесто поминуваат низ голготи кога преку нотари и извршители, плаќаат огромни суми пари за некоја заостаната сметка, за која често не ни знаеле дека не им е платена. Без никакво предупредување им се блокираат сметките и така тие влегуваат во институционалниот лавиринт кој ги чини многу време, пари и нерви.

Живеам под кирија. Сметките од станот секогаш ги плаќам редовно. Еднаш, сопственикот на станот ми се јави и ме информираше дека му е блокирана сметката и дека не може да си ја извади пензијата. Ми рече провери, да не имаш некоја неплатена сметка. Пребарав по сметките и што да видам, ми фали една за одржување на влезот. Сигурно сум ја изгубила и не сум обрнала внимание дека не е платена. Се јавив во фирмата која ни го одржува влезот и ми рекоа дека трансакциската сметка на сопственикот е блокирана поради една неплатена сметка. Ниту добив предупредување, ниту ништо. Едноставно му ја блокирале сметката. Морав да платам за одблокирање 1500 денари за да може човекот да си ја повлече пензијата, раскажува скопјанката Александра.

Поради неплатена сметка за телефон, за која не знаел, скопјанецот Влатко вели дека влегол во извршителски круг од кој едвај се извлекол. Се префрлил на нов оператор откако ги подмирил сите сметки кон стариот. Но, неколку години подоцна му стигнало решение од извршител во кое стои дека се уште има долг кон стариот оператор од 2.000 денари и дополнителни трошоци од околу 10.000 денари. Влатко не добил ниту опомена, ниту пак сметка. Отишол кај извршителот кој му го дал предметот и се запрепастил кога ги видел сумите: за адвокат требало да плати над 3.000 денари, за нотар 3.000 денари, за извршител уште 4.000 денари, за манипулативни трошоци уште некоја илјада и на тој начин се собрал енормен долг. Кај нотарот биле и двете известувања за кои Влатко вели дека никогаш не ги примил. На едното писмо било напишано дека нема никого дома, а на другото дека лицето не сака да го прими известувањето.

 

Македонија – рај за нотарите до 2018 година

Со префрлувањето на 600.000 предмети во 2011 година од судовите кај нотарите и извршителите, судовите повеќе не се надлежни за издавање платни налози кои најчесто се издаваат по барање на доверители за неплатени сметки за струја, вода, топлинска енергија, други комунални услуги или парични побарувања.

Со измените кои настанаа надлежноста за сите побарувања за неплатени сметки за струја, вода, топлинска енергија, други комунални услуги или парични побарувања се префрлија кај нотарите. Постапката е следна: постои заостаната неплатена сметка. Субјектот на кој му се должи ангажира адвокат, кој пак се обраќа до нотар. Нотарот праќа нотарски платен налог до должникот, кој треба да плати во рок од 8 дена. Ако не плати или не се јави на нотар, предметот оди кај извршител. Извршителот праќа нов допис до должникот со рок, да плати за 3 дена. Ако должникот не плати или не се јави кај извршителот, следува блокирање на сметката, а во некои случаи и одземање на имот во вредност на неплатената сметка, но и трошоците за сите вклучени во постапката.

Во јули 2017 година, беше објавена студија на Светска банка со наслов „Кон ефективно извршување на неспорни парични побарувања – лекции од Југоисточна и Источна Европа“ која покажа дека Македонија е вистински рај за нотарите.

Според анализата на Светска банка, давачките за „трудот“ на нотарите во земјава за да се добие одлука за наплата на сметки во 2017 година биле втори највисоки споредено со 12 земји од Источна Европа за износи над 500 и 1.000 евра. Само во Македонија и во Унгарија нотарите ја имаат таа ингеренција да одлучуваат за неплатени сметки, да издаваат извршни решенија за наплата и да наплаќаат вакви високи износи за својот „труд“ и „услугата“ што им ја даваат на компаниите, а трошокот се префрла на граѓаните. Дури и во Унгарија ваквата ингеренција на нотарите им е дадена само откако во земјата е создаден централизиран систем за проверка и евиденција на сите издадени, платени и неплатени сметки за нотарот да може да провери дали некоја сметка навистина е или не е платена. Ваков систем во Македонија сè уште нема.

 

Се намалија трошоците во постапките пред нотарите и извршителите

По бројните притисоци на јавноста и особено на здруженијата „Но пасаран“ и „Стоп за грабежот“, Владата во 2018 година усвои измени и дополнувања во Законот за извршување и Законот за нотаријат. Главната цел на овие измени, како што истакнаа тогашниот премиер Зоран Заев и тогашната министерка за правда, Рената Дескоска, беше намалување на трошоците на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.

Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност. Додека во постапката пред извршителите, според измените на законот, дури 16 ставки за кои досега граѓаните плаќаа одредена сума, со новата тарифа тие ќе бидат целосно бесплатни. Со предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, воедно се имплементираат стратешките приоритети на државата определени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, особено во правец на намалување на трошоците за граѓаните во сите постапки, вклучувајќи ја и прекршочната, соопштија од Владата.

На прес-конференција министерката Дескоска презентираше симулацијата за споредба меѓу старата и новата тарифа на извршителите, како и симулацијата како новата тарифа ќе се одрази кај конкретни постапки за наплата на долгови.

Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност, а нотарската награда ќе биде 10 отсто од главниот долг, но не повеќе од 500 денари. Тоа значи ако долгот е 1.000 денари, надоместокот за нотар ќе биде 100 денари. Ако долгот е 10.000 денари, надоместокот нема да биде 1.000 денари, туку 500 денари. Исто така, за сметки за вода, смет, телефон и одржување на заеднички простории во висина до 6.000 денари нема да биде потребно учество на адвокати, како и за сметки за струја и парно до 15.000 денари. Со тоа ќе се исклучат и адвокатските трошоци за лицата кои имаат неплатени сметки до одреден износ, појасни Дескоска.

Во постапката пред извршител, исто така има големо намалување на трошоците, односно 16 ставки за кои порано постоеја трошоци, со новата тарифа се бесплатни. Некои ставки се намалени до 50 отсто, а некои и повеќе од 50 отсто.

На пример, налогот за извршување на трансакциска сметка на физичко лице кое порано чинеше 20 евра, со новиот тарифник ќе биде две евра за долгови до 1.000 евра и ќе се движи до шест евра за највисоките долгови. Наградите на извршителите се исто така намалени, со тоа што се става ограничување дека при извршување на платни налози за комунални трошоци, наградата не може да биде повеќе од 20 отсто од висина на главниот долг, додаде Дескоска.

Глигорова: Невидено е да се наплатува камата на камата

Извршителите со кои разговараше Вистиномер, велат дека со ваквиот потег на Владата, тие практично имаат многу работа, но немаат речиси никаква заработувачка.

Наплатата од комунални предмети е доста намалена. Од еден предмет дали имам заработка 500 денари. Она што е спорно е што со ваквата постапка на Владата се поттикнаа граѓаните да не плаќаат, иако целта на појавата на извршителите беше да се зголеми наплатата на долговите. Долгувањето сега е зголемено, вели извршителка од Скопје која сакаше да остане анонимна.

Ана Глигорова од „Стоп за грабежот“ ја поздравува одлуката на Владата да се намалат тарифниците за нотарите и извршителите, но таа посочува дека сега адвокатите повеќекратно ги зголемиле тарифниците. Таа вели дека ако сега, на пример, за услугата на нотарот некој должник треба да плати 2.600 денари, за адвокатската услуга треба да одвои 5.200 денари.

Во целата постпака, која ли е работата на адвокатот? Нотарот подготвува платен налог, извршителот го извршува тој платен налог, а што прави адвокатот во целата постапка? Ништо, само му легнуваат чисти пари на сметка. Наплатата на долговите мора да се врати во судовите како што беше. Тогаш се знаеше, имаше судски извршители, па одиш прво кај судија, ќе те сослуша, не одиш кај приучен правник. Со ваквиот начин на наплата на долговите, што направија? Ќе ти ја блокираат сметката без никакво известување или предупредување. Ти наплатуваат нотарски услуги, адвокатски услуги, услуги за извршител, камати врз камати… Доколку наплатата на долговите се врати во судовите, граѓаните нема да бидат „дерени“ на овој начин, нагласува Глигорова.

Таа посочува дека здруженијата „Но пасаран“ и „Стоп за грабежот“ поднеле иницијатива до Министерството за правда неколку барања, меѓу кои да се направат законски измени со кои ќе се стопира блокирањето на сметките и да се направат суштински измени во Законот за облигациони односи со кои каматата нема да биде поголема од основниот долг.

Секоја банка има различни каматни стапки. На таа доверителска камата, одат со затезна камата. Тие наплатуваат камата на камата. Тоа е невидено, вели Глигорова.

Потребно е, нагласува таа, да се детерминира и застарувањето на долговите и да не се наплатуваат долгови стари повеќе од 20 години.

Додека да се случи сето ова, граѓаните и понатаму ќе продолжат да талкаат низ нотарско-адвокатско-извршителските лавиринти, плаќајќи стари долгови кои некогаш се со исклучително низок износ, но додека да се финализира целиот случај, долгот може да достигне до степен граѓанинот да мора да земе кредит за да го плати.

Пишува: Ана Анастасовска

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Петровска го доби Ковачки на суд и се откажа од 10.000 евра што требаше тој да ѝ ги плати за клевета

Основниот граѓански суд - Скопје утврдил граѓанска одговорност за клевета врз министерката Славјанка Петровска од Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Петровска на својот профил на Фејсбук ја објави пресудата. „Како што...