fbpx

Вистиномер: Нема докази дека Путин боледува од рак на тироидата

-

Наспроти тврдењето во постот, нема никаква официјална потврда или докази дека здравствената состојба на рускиот претседател е влошена, односно дека тој боледува од рак на тироидната жлезда. Во написот, споделен во постот, се изнесуваат неофицијални информации дека Путин бил посетуван од разни лекари во минатото, но тоа не е доказ, ниту пак, аргумент за да се излезе со така сериозно и децидно тврдење. Инаку, и претходно без докази се шпекулираше дека Путин боледува од канцер на дебелото црево и Паркинсонова болест, меѓутоа ова беше демантирано од Кремљ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на Фејсбук во кој е споделен медиумски напис со наслов: „ТРАГЕДИЈА: ПУТИН е тешко болен, дали се знае денот кога ќе умре?”. Постот е прилично вирален има 840 коментари, 650 реакции и 22 споделувања.

Стартот на текстот е сензационален и бомбастичен и во него се вели дека рускиот претседател Владимир Путин се бори со рак на тироидната жлезда и дека руски истражувачи новинари имаат докази за тоа. (во меѓувреме текстот е избришан) 

Меѓутоа, наспроти ваквото сензационалното тврдење, не постојат докази дека рускиот претседател е болен, ниту пак, дека тоа е од рак на тироидната жлезда, а уште помалку може да се знае денот кога тој ќе почине. Во написот се изнесуваат неофицијални информации дека Путин бил посетуван од разни лекари во минатото, меѓутоа тоа не е доказ, ниту пак, аргумент за да се излезе со така сериозно и децидно тврдење.

Во написот се кажува дека наводните лекарски посети биле поради проблеми со грбот, а тие пак, на ниеден начин не се поврзани со тироидната жлезда. Текстот наведува дека специјалист за рак на тироида го посетил Путин 35 пати во неговата вила во Сочи, меѓутоа веќе во следните пасуси од  написот се ретерира и се кажува дека не се добро познати причините поради овие лекарски посети. Така што, докази дека Путин е болен од канцер на тироидната жлезда во текстот не се нудат.

Се нудат „докази” дека во 2016 година тој бил опериран на рамото, повторно неповрзана дијагноза со наводниот канцер на тироидата.

Дури и кога лекарите често би го посетувале рускиот претседател, тоа може да биде од превентивни причини, или пак, како последица на неговата протоколарна грижа за сопственото здравје. Можно е и да се работи за лични релации. На ова упатува фактот што во текстот се споменува хирургот Лор Шчеглов кој за 4 години кај Путин во Сочи останал 282 дена. Таткото на овој хирург е политичар и заменик на Думата на Обединета Русија, па можно е да се работи за лични и пријателски релаци, особено зашто во текстот се наведува дека овој хирург со Путин одел и на јавни настапи каде се фотографирале заедно. Дијагнозата канцер на тироидната жлезда не е потврдена од никого, а е демантирана од страна на Кремљ:

Димитри Песков, прес-секретар на Кремљ, ги негираше сите тврдења за болест на Путин, уверувајќи дека неговото здравје е одлично.

Во текстот што го рецензираме, се наведува дека Путин се сретнал со претседателот на одделот за ендокринологија, Иван Дедов со кого разговарале за високата преваленца на канцерот на тироидна жлезда и хормонски лек. Не е познато како е дојдено до оваа информација, дали е точна и за што била оваа посета, односно дали била приватна или во склоп на работните обврски. Понатаму, во последниот пасус на текстот се објаснува дека Путин бил многу внимателен во ковид пандемијата, претежно комуницирал преку видеоконференциски врски или на дистанца, што е не е ништо невообичаено. Тоа што Путин ги почитувал ковид протоколите значи дека е внимателен, а не дека има рак на тироидата.

Во врска со поставеното прашање во насловот „дали се знае денот кога ќе умре Путин“, за тоа во написот нема ниту збор, па може да се заклучи дека се работи за дополнителен елемент на сензационализам.

Инаку, и претходно без докази се шпекулираше дека Путин боледува од канцер на дебелото црево и Паркинсонова болест.

Тврдењето дека Путин боледува од рак и дека неговата состојба ја поттикнала инвазијата на Украина, како што претходно „Вистиномер“ пишуваше, го изнесе висок адмирал на Кралската морнарица.

Зборувајќи пред децата во Grammar School во Портсмут на 4 март годинава, поранешниот ученик и ветеран од Фолкланд, контраадмиралот Крис Пари, осврнувајќи се на далечината и должината на масите на кои Путин ги спроведува официјалните разговори, рече:

Путин ги користи овие многу долги маси за да ги интервјуира луѓето (долгата маса можеше да се види на средбата помеѓу Путин и Макрон како и на средбата на Путин со Алијев). Мислам дека неговиот имунолошки систем може да биде потиснат во моментот. Оттаму, тој е човек на кој му се брза. 

Кремљ претходно ги отфрли тврдењата на весникот „Сан“ дека Путин боледува од Паркинсонова болест како „апсолутна глупост“.

„Сан“ го цитираше професорот Валери Соловеј, руски политички експерт, кој на московската радио станица сугерираше дека Путин бил под притисок од неговата придружба да се повлече, поради стравувањата за неговото здравје.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека медиумскиот извештај заснован на тврдењата на Соловеј, кој беше нашироко користен од другите британски таблоидни весници, е лажен.

„Тоа е апсолутна глупост“, рече Песков.

„Сè е во ред со претседателот“.

Запрашан дали Путин планира да се повлече во блиска иднина како што предложи Соловеј, Песков кратко одговор: „Не“.

Според ова, можеме да заклучиме дека нема никаква потврда или било каков аргумент или доказ дека здравствената состојба на рускиот претседател е влошена, односно дека тој боледува од рак на тироидната жлезда.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...