fbpx

Вистиномер: Вита Заверуха не му е внука на Зеленски

-

Девојката прикажана на фотографиите во постот е  Вита Заверуха, со целосно име Викторија Игоревна Заверуха.  Британскиот „Дејли Мејл“, за неа во 2015 година објави дека  е неонацистка, како и дека била уапсена во врска со смрт на двајца полициски службеници. Дезинформацијата дека оваа девојка, со неонацистички погледи и криминално досие, му е внука на Зеленски, всушност е на линија со наративот дека Украина има нацистичко управување, што претставува класичен спин кој тлее со години, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во којшто се тврди дека на фотографиите споделени во него, се наоѓа внуката на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Споделени се четири фотографии од девојка со знаме со нацистичкиот симбол свастика. Во склоп на постот пишува:

Внука на Зеленски. На палката пишува ,,смрт за православни”.

 

Која е девојката на фотографиите?

Со пребарување на четирите фотографии во пребарувачот Гугл, лесно и податно се доаѓа до голем број на информации за фотографираната девојка. Станува збор за Вита Заверуха, со целосно име Викторија Игоревна Заверуха, девојка која е присутна на долго и на широко и во светските медиуми и во украинските медиуми. Британскиот „Дејли Мејл“, за неа во 2015 година објави дека е откриено дека е неонацистка, како и дека била уапсена во врска со смрт на двајца полициски службеници:

Вита Заверуха е приведена во 2015 година откако двајца полициски службеници беа убиени а тројца повредени на 4 мај 2015 година, откако банда не успеала да ограби бензинска станица во Киев. Бандата која се поврзува со крајната десница во Украина, истрелала од огнено оружје во обид да избега од местото на кражбата.

Уште тогаш, во „Дејли Мејл“ се објавени дел од фотографиите кои ги има во постот што го рецензираме, на кои Заверуха е со знаме со свастика. Во 2015 година таа имала 19 години и уште тогаш била отворен промотор и активен поддржувач на злосторничките неонацистички идеали.

Дополнително, таа била и осомничена за напад на сообраќаен полицаец два дена пред грабежот на бензиската пумпа, како и за претходен крвав напад во кој биле повредени 200 лица.

Станува збор за контроверзна личност, која била членка на Аидар баталјонот, критикуван од „Амнести Интернешнал“ за кампања на терор во регионот Луганск. Меѓу наведените наводни злосторства на овој баталјон се киднапирања, неовластени задржувања, злоупотреби, кражби и можни убиства. Баталјонот, како што пишува „Дејли Мејл“, е познат по неговата поврзаност со крајната десница и неговите членови се фотографираат со нацистички симболи. Дополнителен доказ за екстремистичките погледи на Заверуха е и нејзиниот профил на социјалните мрежи каде таа се фотографира со неонацистички симболи.

Промовирам нацизам, терор и геноцид. За ова, не сум лоша личност. Оправданието е војна за мир. Победниците не се осудувани, напишала таа во 2014 година а пренесе „Дејли Мејл“.

Во 2016 година, на судењето Заверуха си ги пресече вените и тоа е докуменирано во видео на следниот линк. 

Дали Вита Заверуха е внука на Зеленски?

Во постот што го рецензираме изнесена е невистина, а тоа е дека Вита Заверуха, очигледна и потврдена поддржувачка на неонацизмот е внука на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ова е дезинформација. Девојката не е на ниеден начин во крвно сродство со Зеленски.

Фактот што од почетокот на руската инвазија во Украина, се пласира наративот дека Зеленски има поврзаност со неонацизмот не претставува ништо повеќе од класична пропаганда.

Како што претходно пишуваше „Вистиномер“, митот за Украина со нацистичко управување е јасен пропаганден наратив кој стана камен-темелник во дезинформациите чиј извор доаѓа од Кремљ. Но, факт е дека претседателот Володимир Зеленски е украински Евреин. Ваквата информација да беше вистинита, таа одамна ќе беше објавена ширум светот и немаше првпат за неа да чуеме од личен Фејсбук статус, кој не содржи никакви аргументи или докази.

Уште еден факт кој оди против дезинформацискиот наратив од Москава, е дека во 2015 година Украина издаде забрана за нацистичките и комунистичките идеологии. Дополнително, екстремно десничарските групи имаа ограничено присуство за време на протестите на Евромајдан и претрпеа порази на сите национални избори потоа, при што Обединетиот фронт на сите радикални десничарски партии на парламентарните избори во 2019 година освои само 2,15 отсто од гласањето, што е многу помалку од минимумот од 5 отсто што гарантира влез во Парламентот.

Во постот што го рецензираме, со невистинитата информација дека девојката со неонацистички погледи и криминално досие му е внука на Зеленски, всушност се продолжува со наративот дека Украина има нацистичко управување, класичен спин кој тлее со години.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека Вита Заверуха му е внука на Зеленски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...