Вистиномер: Не е точно дека на Фејсбук е објавена реклама со која се поддржува педофилијата

-

Не е вистина дека ТЕД поддржува педофилија, а не е вистина ниту тврдењето дека на социјалната мрежа Фејсбук имало реклама со промовирање на педофилија. Исто така, не е точно дека Фејсбук одбил да ја отстрани таквата реклама, откако наводно таа била пријавена од страна на корисниците. Напротив, таква реклама воопшто немало, па не можела ни да биде пријавена, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е споделена фабрикувана фотографија  која претходно била дигитално изменета со цел да се дезинформираат граѓаните. Станува збор за фотографија на која се гледа возрасен маж и дете како се држат за раце, надополнета со текст и логоа од компании, со што се создава импресија дека се работи за рекламна кампања.

Педофилијата е природна сексуална орентација. Наша одговорност е да ги надминеме нашите негативни чувства за педофилите, пишува во склоп на рекламата споделена во постот.

По што следува логото на ТЕД, популарна американска платформа за организирање настани на кои различни лица држат говори на различни теми. Алузијата дека ТЕД ја поддржува пораката со педофилијата е неточна, а рекламата е фабрикувана.

Фабрикуваната фотографија со детето и возрасниот што се држат за раце никогаш не била дел од ниеден промотивен материјал на ТЕД. Портпаролот на компанијата го потврдил ова за „Ројтерс“ :

ТЕД воопшто не е вмешана во креирањето или одобрувањето на оваа реклама.

Фотографијата користена во неа  може да се пронајде на следниот линк во дата база на фотографии.

Тврдењето дека ТЕД поддржува педофилија првпат се појавува на интернет во 2018 година кога корисници на социјалните мрежи употребуваат фотошопирани фоотграфии како реакција за одржан говор на ТЕД во Германија.

Говорничката во посочениот говор кој предизвика бројни негативни реакции во јавноста во тоа време,  ја опиша педофилијата како состојба со која некои луѓе се родени и сугерираше дека доколку тоа се препознае, може многу да се направи за да се спречат тие луѓе да делуваат базирано на нивните инстинкти и наштетувајќи им на децата.

Ова поле од науката е во фаза на развој и дефиницијата на оваа состојба е само една од многуте аспекти за кои се дебатира ширум светот во научните кругови. Но, научниците се децидни и обединети во својата желба да ги заштитат децата од зло и како што и самата говорничка јасно наведува „злоставувањето деца е погрешно без никаков сомнеж“. Говорничката побарала да биде отстрането видеото од интернет поради закани по нејзината безбедност, меѓутоа копии од говорот сè уште се достапни онлајн.

Откако го прегледавме говорот, веруваме дека цитира истражувања на начини кои се предмет на сериозна погрешна интерпретација. Ова водеше до тоа некои од гледачите да го интерпретираат говорот како аргумент во полза на илегални и штетни практики. ТЕД би сакале да бидат јасни дека не промовираат педофилија, велат оттаму.

Не само што фотографијата од непостоечката реклама е фабрикувана, туку се оди и чекор подалеку во фотомонтажата, па се сугерира дека некој го пријавил овој пост на Фејсбук, како пост кој оди надвор од стандардите прифатливи за заедницата, по што Фејсбук наводно одговорил дека постот е во ред и не оди против стандардите на социјалната мрежа. И ова не е вистина, поради тоа што рекламата воопшто не е објавена во реалноста, па не би можела да биде ниту пријавена од корисниците.

Од Фејсбук за агенцијата „Франс Прес“ изјавиле дека никогаш ваква реклама не била презентирана на нивната социјална мрежа, а од ТЕД рекле дека станува збор за „флагрантна злоупотреба на нивното лого“.

Споделената фотографија не е скриншот од реклама. Ако оваа содржина беше реклама на Фејсбук, автоматизираниот одговор од Фејсбук ќе се однесуваше на нашите рекламни политики, а не на нашите стандарди на заедницата, изјавил за „Франс Прес“ портпаролот на Фејсбук на 9 јули 2020 година.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека ТЕД поддржува педофилија, а не е вистина ниту тврдењето дека на социјалната мрежа Фејсбук имало реклама со промовирање на педофилија. Не е точно дека Фејсбук одбил да ја отстрани таквата реклама, откако наводно таа била пријавена од страна на корисниците. Напротив, таква реклама воопшто немало, па не можела ни да биде пријавена.

Стрип изложба во Скопје под името „Да ѝ дадеме шанса на инклузијата“

Стрип центарот на Македонија од Велес го завршува имплементирањето на циклус од пет изложби, како дел од грантот „Сè што кажуваме е да и дадеме шанса на инклузијата“. Овој...