Принтскрин од спорното видео кое дел од македонските медиуми го објавија без да ја проверат неговата вистинитост

На видеото се гледа како група украински војници вадат луѓе од возилата, ги удираат по глава и им ги врзуваат рацете. За точната локација се вели дека се претпоставува оти станува збор за Днипро. Информациите се преземени од социјалните мрежи и од Телеграм, меѓутоа во целост изостанува контекстот. Нема точен податок ниту кога е снимено видеото, но симптоматично e дека снимките се појавија токму во моментот кога во Њујорк траеше седницата на Советот за безбедност на ООН, на која преку видео линк се обрати и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пишува Вистиномер.

Во неколку медиуми во земјава во вторникот, на 5 април, беа објавени написи, во кои е вклучено и видео преземено од социјалната мрежа Твитер, со наслови дека украински војници брутално тепаат цивили во градот (линк, линк, линк, линк, линк), без дополнително да се образложи за што, всушност, станува збор.

Дел од медиумите тврдеа дека станува збор за тепање цивили, а дел за руски војници, но никаде не може да се најде конкретна информација што, всушност, се случило, каде и кога, односно беа пренесени само претпоставки базирани на информации од социјалните мрежи.

„Видеата предизвикаа загриженост кај корисниците на социјалните мрежи ширум светот и има повици да се покрене истрага за овие случувања, кои може да фрлат сенка и врз позадината на масакрите на цивили во украинските градови, како оној во Буча. Пресметката со цивилното население во Днипропетровск наводно ја „аминувал“ и градоначаникот Борис Филатов, кој повикува на масовно убивање на Русите ширум светот“, пишува еден од македонските портали.

На видеото се гледа како група украински војници вадат луѓе од возилата, ги удираат по глава и им ги врзуваат рацете. За точната локација се вели дека се претпоставува дека станува збор за Днипро. 

Информациите и видеото се преземени од социјалните мрежи, како што и пишува во самите текстови, меѓутоа во целост изостанува контекстот, зошто воопшто украински војници би вршеле физички напад врз обични граѓани. Нема точен податок ниту кога е снимено видеото, но симптоматично e дека видео снимките се појавија токму во моментот кога во Њујорк траеше седницата на Советот за безбедност на Обединетите Нации на која преку видео линк се обрати и претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Како се ширеше видеото со украинските војници?

Текст дека украински екстремистички сили тепаат руски војници, каде како извор е пренесен руски „Спутник“ во вторникот беше објавен на веб-порталот Србин.инфо, објавен во 15.23 часот.

„На интернет се појави нова шокантна снимка на ѕверства од украинските екстремистички сили кои се изживуваат над заробените руски војници“, пишува Србин.инфо.

Нешто подоцна, текст со сличен наратив беше објавен и на „Лимитед Тајмс“. Таму пак, стои поинаква информација – дека украинските војници всушност тепаат цивили.

„Според информациите, дел од цивилите го изразиле своето незадоволство од акциите на украинската армија, која ги изложила на разни видови тортура, лисици, клоци и брутални тепања колективно од страна на припадниците на украинските вооружени сили, кои вклучуваат неонацистички баталјони во нивните рангира“, пишува порталот. 

Ако се погледне наназад, видеото првично се појавува на Телеграм, на каналот „Киев оператива“ во 11 часот претпладнето на 5 април. Потоа, во 13 часот на својот канал на Телеграм го презема и Спутник Србија, со тврдење дека станува збор за видео од социјалните мрежи кое е најверојатно снимено во Днипро. Во краткиот текст на Телеграм, Спутник Србија признава дека не е познато зошто луѓето се приведени и тепани, а за причините се повикува на коментари од социјалните мрежи, дека наводно тие имале проруски ставови.

Подруг став, пак, е изнесен на Твитер профилот Вишеград24, каде што се вели дека, всушност, станува збор за апсење вооружени ограбувачи од страна на украинската единица за борба против тероризмот. Содржината на овој твит е цитирана и од еден од македонските медиуми, кои првично го објавија видеото без соодветен контекст. Но, во најголем дел до овие медиуми, вакво дополнување и дообјаснување немаше.

„Поголема група ограбувачи со огнено оружје нападнала неколку војници во Днипро. Украинската безбедносна агенција СБУ ја испрати својата единица за борба против тероризмот која брзо ги фати. Некои од нив се обидоа да дадат отпор при апсењето, но тоа беше залуден обид“, пишува Вишеград24 на „Твитер“.

Понатаму, подоцна попладнето на 5 април, видеото се шири и во дел македонски медиуми и достигнува голема виралност.

Ниту еден релевантен светски медиум не ја објави видео снимката. 

Веб порталот Србин.инфо објавува дека видео снимката прв ја објавил украинскиот блогер Анатолиј Шариј. Медиумот не прецизира каде точно Шариј наводно ја објавил снимката.

„Шариј на социјалните мрежи објави дека група украински војници извлекле цивили од возилото, ги удирале по глава и им ги врзале рацете. Се претпоставува дека тоа се случило во Днепар.“

При пребарување на интернет, лесно можат да се најдат податоци за тоа кој е овој блогер и политички аналитичар. На платформата Медиум, Шариј е квалификуван како „озлогласен украински видео блогер и политички набљудувач, за кој неодамна беше објавено сомневање за велепредавство, а во исто време е почната потрага по него од украинските власти“.

„Анатолиј Шариј, кој моментално е во Шпанија, целосно ги отфрли сите обвинувања на својот канал на Youtube и го поврза сомнежот, наведен од Службата за безбедност на Украина, со неговите политички активности — раководството на партијата кое скромно го именуваше со свое име.

Сепак, треба да се каже дека активностите на Шариј како блогер и политичар одамна ги надминаа законските граници, а тој очигледно работи во интерес на руските специјални служби и ја користи својата повеќемилионска публика на Youtube за ширење фалсификати и промовирање наративите на Кремљ.

Анатолиј Шариј во никој случај не може да се смета за независен новинар и политичар.“

Тој е поранешен новинар, активен е на каналот Јутјуб каде има над 2 милиони следбеници, Фејсбук со 300.000 следбеници а има и своја веб-страница, каде претежно објавува за ситуацијата со Украина, но активно ги следи и случувањата во Русија и ги пренесува ставовите на руските политичари.

Во секој случај, информациите пренесени во дел од македонските медиуми не се доволно проверени, односно се преземени од акаунти на Телеграм, кои сè почесто се користат како официјални извори на информации за руската инвазија во Украина. Тие не содржат целосни информации, како на пример позадината на настанот (дали на пример, станува збор за цивили или пак за уфрлени диверзанти, вооружени ограбувачи и сл.).

Оттаму, медиумите треба да внимаваат при објавувањето текстови, а особено вознемирувачки видеа кои се споделуваат единствено на социјалните мрежи без конкретни информации (како, на пример, кога е снимено видеото), позадина и контекст, особено ако се земе предвид дека истите воопшто не се обработени ниту од релевантни светски медиуми.

Видео без грам контекст, пренесено од македонските медиуми, душа дало за фрлање магла врз војната во Украина