Вештачката интелигенција не може да ги замени новинарите, но може да ја замае јавноста

Влијанието на лажните содржини генерирани со ВИ како и интелектуалните права беа темите на денешниот вебинар наречен „Вештачка интелигенција во медиумите – про и контра“

Фото: Мета.мк

Вештачката интелигенција (ВИ) и алатките кои со нејзина помош овозможуваат креирање на текстуални, аудио и видео содржини со неколку клика полека, но сигурно, го менуваат нашиот однос со вистината. А вистината, пак, е од особена важност во новинарската и фоторепортерската сфера. Иднината на влијанието на ВИ во светот на новинарството, за добро и лошо, беше темата на дискусија на денешниот вебинар на оваа тема на кој гостуваа новинарот Бојан Шашевски, фоторепортерот Ѕвонко Плавевски и адвокатот Валентин Пепељугоски.

Вебинарот, насловен „Вештачка интелигенција во медиумите – про и контра“ и воден од новинарката Мери Јордановска, започна со излагање на Шашевски. Тој зборуваше дека смета дека ВИ може да биде корисна во креирањето на одредени „сток“ фотографии – на пример, ако треба да се напише настан за најава на некаква работилница, може да се генерира слика со маса и учесници точно како што сака новинарот.

Дополнително, тој посочи дека во неговата редакција искористеле ChatGPT за консултација и инспирација за идеи за активностите на една работилница.

„Но, ВИ не може да ги замени новинарите кои одат на терен да ги прашуваат луѓето и земаат изјави, кои прават анкети и изработуваат репортажи“, посочи Шашевски.

Фоторепортерот Плавевски искажа загриженост во однос на тоа како лажираните содржини генерирани од ВИ ќе влијаат на веќе еродираната доверба во медиумите. Плавевски го посочи примерот на фотографијата која доби награда, а која всушност била всушност генерирана со ВИ.

Сепак, Плавевски рече оти смета дека иако ВИ е корисна за генерирање на „сток“ фотографии, не може да замени фоторепортер кој ќе слика актуелен настан во живо.

Плавевски го поздрави тоа што одредени компании, како Мета, сопственикот на Фејсбук и Инстаграм, најавија оти ќе воведат полиса на вметнување воден жиг на фотографиите генерирани со ВИ, кој би означил и со кој точно софтвер одредена слика била генерирана. Но, Плавевски се прашува колку оваа мерка ќе помогна во пракса.

„Имаше слики од Трамп како е апсен. Авторот кој ги изработи и сподели самиот кажа дека се генерирани од ВИ и пак беа земени здраво за готово кога се споделуваа онлајн“, вели Плавевски.

Плавевски смета дека ВИ фотографии ќе се користат за пропаганда, за пренасочување на внимание и замајување на луѓето и дека со големо „исчекување“ ќе следи како ќе се користат истите на претстоечките американски избори за претседател.

Адвокатот Валентин Пепељугоски го опфати правниот аспект како и потребните регулации како реакција на масовното присуство на ВИ технологијата во медиумите, а и пошироко.

Тој го поздрави тоа што во Европската унија веќе се имплементирани регулации за обележувањето на ВИ содржините. Но, Пепељугоски потенцираше дека пошироко гледано, фалат регулации во медиумите и во врска со киберкриминалот.

„Не е спорно дека ВИ содржините доведуваат до заблуда, спорно е кој ги измислил изјавите. Кај нас се ширеше видео од доктор кој наводно промовираше лек, а всушност не било негова изјава. Треба да се опремат аагенции за да се борат со киберкриминал“, изјави Пепељугоски.

Тој коментираше дека и кај медиумите, кои често ги споделуваат овие содржини, не постои доволно регулации. Голем дел од медиумите не ни имаат импресум, па човек не би ни знаел кого да тужи за клевета.

Адвокатот Пепељугоски потенцира дека трета година по ред во Македонија не се има усвоено законот за интелектуална сопственост, кој наводно е подготвен. Истиот би довел до усогласување со европската дигитална директива, која би овозможила собирање пари за соодветните автори при објавувањето на нивните дела онлајн.

„Според мене, овој закон сè уште не е спроведен не поради неажурност, туку поради тоа што постојат некои лобирачки групи кои сметаат дека медиумите не треба да бидат оптоварени со дополнителни давачки“, рече Пепељугоски.

Како друг проблем за правосудство во врска со интелеткуални права го потенцираше и тоа што во Македонија секој локален суд има надлежност за вакви теми, иако не секој е доволно запознаен со темата. Во ЕУ, на пример, постои еден суд на ниво на цело Европа за овие теми, баш бидејќи се толку специфични.

Дополнително, во вебинарот се опфати и ефикасноста на проверката на факти како тема, особено како таа се поврзува со проверката на лажни содржини генерирани од ВИ.

„Тука доаѓаме до прашање од социолошки и културолошки аспект. Од правен аспект многу е лесно да се исчекираат факти. Прашањето е дали некој ќе го прими или ќе сака да го прими тоа. Сигурен сум дека 70 отсто од тврди следбеници на една партија нема да ги разубедиш. Ако некој тврди дека некој има 100.000 евра на сметка, дури и да покажеш дека не е така, тој ќе рече ‘не, не, за друга сметка се работи’“, вели Пепељугоски.

За жал, Пепељугоски потенцира дека овој проблем на неприфаќање на вистината го забележува и кај интелектуалци како универзитетски професори.

Настанот беше организиран од Здружението за унапредување на медиумските практики „Иновативни медиуми“, со поддршка на регионалниот проект СМАРТ БАЛКАН – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ) а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.