Фото: МОН
Во текот на вчерашниот ден прва доза вакцина примиле 13.076, а вкупно се вакцинирале 14.033 граѓани, информираат од Министерството за здравство.
Во државата вкупно се аплицирани 145.043 дози вакцини, од нив 121.181 граѓани се вакцинирани со прва доза, а ревакцинирани се 23.862 граѓани, велат од ресорот здравство.
Со последните бројки 35% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, посочуваат од Министерството за здравство. Оттаму велат дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 303.574 граѓани.
„Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација“, соопштија од МЗ додавајќи дека се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk како и лица вработени во критична инфраструктура.
„Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола и Охрид“, се вели во соопштението.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.